ЛУКАРЕВСКА Е ЗАМЕНИК-ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СДСМ МЕСТО ШЕКЕРИНСКА, ФИЛИПЧЕ И БИТИЌИ НОВИ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИ

    ЛУКАРЕВСКА Е ЗАМЕНИК-ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СДСМ МЕСТО ШЕКЕРИНСКА, ФИЛИПЧЕ И БИТИЌИ НОВИ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИПретседателот на СДСМ Зоран Заев на конгресот кажа дека процесот на промени во партијата ќе продолжи.(Фото: СДСМ)

    Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска е нова заменик-претседателка на СДСМ. Лукаревска ја зазема високата партиска функција која досега ѝ припаѓаше на Радмила Шекеринска, која уште пред еден месец најави дека ќе се повлече од раководните органи на СДСМ.

    На денешниот 26. Конгрес кој се одржа дигитално, беше избран нов Централен одбор на партијата кој изгласа четири потпретседатели на партијата. Министерот за здравство Венко Филипче и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи доаѓаат на потпретседателките позиции на местото на Коста Петров и Мухамед Зекири, а на оваа функција и понатаму остануваат Мила Царовска и Оливер Спасовски.

    Љупчо Николовски останува генерален секретар на партијата, а на местото на Душко Весковски како организациски секретар доаѓа Мартин Попов. Избран е и нов Извршен одбор.

    Претседателот на СДСМ Зоран Заев на конгресот најави дека процесот на промени во партијата ќе продолжи, ќе следува реализација на нова политика која ќе биде базирана на пет клучни столбови.

    „Пред нас сè уште се бројни предизвици на секое поле. Започнува процес на нова политика, процес со кој СДСМ ќе остане прв во промените. Следи обновување на досегашната кадровска понуда на СДСМ, но без откажување од нашите луѓе. Ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот, подмладување на партијата, охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови и подигнување на мотивацијата на нашите граѓани“, рече Заев пред делегатите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира