Македонија е меѓу само 24 земји досега ја информирале Европската комисија (ЕК) оти сакаат да прифатат отпадни материјали, објави Дојче веле во анализата. Од земјите од регионот, коишто не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), заинтересирани за увоз на неопасен отпад од ЕУ се само Србија и Босна и Херцеговина.Македонија бара да увезува осумнаесет типови отпад, деклариран на листата на неопасен отпад од земји од Европската Унија (ЕУ). Станува збор за метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло.
Целосната листа неодамна ја објави Министерството за животна средина, и рече дека таа ќе биде доставена до Европската комисија. Во следната фаза, Европската комисија е таа којашто ќе треба да одлучи дали земјата има капацитет да управува со овој отпад на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ законодавството. Од тоа зависи дали земјата ќе се најде на листата на земји кои ќе можат да вршат увоз на отпад од ЕУ.
Течат последните рокови за исполнување на оваа обврска, којашто е наметната со новите регулативи на Европската Унија за увоз, извоз и транзит на отпад, кои се на сила од 2024, а ќе почнат да се применуваат од 2027 година. Со нив, ЕУ воведува построги правила за извоз извоз и транзит на неопасен отпад. Извозот на неопасен отпад од „зелена листа“, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите кои имаат капацитети што ги исполнуваат условите за заштита на животната средина за преработка на овој отпад.
Според новата регулатива, од ноември 2026 до мај 2029 ќе има целосна забрана и за извоз на отпад од пластика, вклучувајќи го и неопасниот отпад од пластика. По завршување на овој период, Македонија и земјите кои не се членки на ОЕЦД заинтересирани за увоз на отпад од пластика, ќе треба да го докажат својот капацитет да управуваат со таков отпад на еколошки здрав начин, за да бидат вклучени во листата во кои овој отпад ќе може да се извезува од ЕУ.
Екологистите во Македонија со години апелираат за воведување на построги контроли и лабораториски анализи при увозот, поради опасноста во земјата да заврши и опасен отпад. Тие бараа засилена контрола на отпадот на граничните премини и на царина, но и да не се дозволува увоз на отпад што може да се користи како извор на енергија.
„Тешките метали што ги испуштаат индустријата, нафтата и мазутот се канцерогени. Има разлика дали повеќе тешки метали ќе се вдишат и дали ќе се вдишат многу канцерогените диоксини и фурани кои се ослободуваат од горење на отпад“, предупреди на надзорната расправа на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во вторникот (25 февруари), Татјана Чакулев од „О2 иницијатива“, зборувајќи за изворите на загадување коишто влијаат врз здравјето на македонските граѓани. Според неа, тие не мора да покажат покачување на ПМ честичките во воздухот, но „можеме да почувствувале огромна смрдеа која задушува и да има огромно ослободување на овие диоксини и фурани кои се неверојатно канцерогени, а остануваат во воздухот и природата, и се таложат во организмот“, рече Чакулев.
Европската комисија потврди дека 24 земји поднеле апликации да продолжат да примаат рециклирани материјали и по крајниот рок од мај 2027, кога стапува на сила новата регулатива на Унијата. Според Бирото за меѓународно рециклирање (БИР) со седиште во Брисел, дваесетината земји идентификувани од ЕК ја започнале постапката за да продолжат да прифаќаат отпадни материјали испратени од ЕУ по тој рок.
Од земји кои не се членки на ОЕЦД, до првичниот рок до 21 февруари апликации покрај од Македонија, Србија и БиХ, пристигнале и од Бангладеш, Египет, Ел Салвадор, Индија, Индонезија, Казахстан, Малезија, Молдавија, Монако, Мароко, Нигерија, Саудиска Арабија, Пакистан, Филипини, Сингапур, Тајван, Тајланд, Того, Тунис, Украина и Виетнам. Со тоа, на списокот се најдоа најголемите приматели на отпадни материјали кои се извезуваат од Европа, но на листата недостигаат Кина и Хонгконг. На листата нема и многу земји коишто иако имаат постоечки топилници и фабрики за хартија, не можат да го инсталираат потребниот капацитет за рециклирање во блиска или среднорочна иднина.
Управувањето со отпадот на еколошки здрав начин и користењето на секундарните материјали што тој ги содржи се клучни елементи на политиката за животна средина на ЕУ. Податоците покажуваат дека Европа создава многу повеќе отпад отколку што рециклира. Според Европската комисија, пет тони отпад годишно создава во просек секој жител на Европа. Само 38 проценти од отпадот се рециклира, а над 60% од отпадот од домаќинствата се уште завршува на депонии во некои од земјите на ЕУ.
За споредба, во 2021 секое лице кое живее во ЕУ генерирало 36,1 килограм отпад од пластична амбалажа. Обемот на генериран отпад од пластична амбалажа по жител се зголемил за околу 29% помеѓу 2010 и 2021 година. Вкупниот пластичен отпад произведен во ЕУ во 2021 изнесува 16,13 милиони тони. Околу 6,56 милиони тони пластичен отпад биле рециклирани. Половина од пластиката собрана за рециклирање се извезува за да се третира во земји надвор од ЕУ. Извозот на сите видови отпад од ЕУ во земјите кои не се членки на ЕУ достигнал 33 милиони тони во 2021 година. Поголемиот дел од отпадот се состои од отпад од црни и обоени метали, како и отпад од хартија, пластика, текстил и стакло и главно завршува во Турција, Индија и Египет.