МАКЕДОНИЈА ИСПИШУВА ЕВРОПСКА ИСТОРИЈА, НЕ САМО НАЦИОНАЛНА, КАЖА ВО ОХРИД МИХАЕЛ РОТ ОД ГЕРМАНСКОТО МНР

    МАКЕДОНИЈА ИСПИШУВА ЕВРОПСКА ИСТОРИЈА, НЕ САМО НАЦИОНАЛНА, КАЖА ВО ОХРИД МИХАЕЛ РОТ ОД ГЕРМАНСКОТО МНРНа Интерактивната дебата „Македонија на патот на ЕУ“ во Античкиот театар во учествуваа германскиот државен министер за Европа Михаел Рот, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. (Фото: СДК.МК)

    Државниот министер за Европа при германското министерство МНР Михаел Рот денес на интерактивната дебата во Охрид рече дека Македонија испишува историја, не само национална туку и европска. Со Договорот потпишан со Грција за надминување на разликите околу името имаме уникатна шанса за отворање на вратите на ЕУ и НАТО, рече тој.

    Интерактивната дебата „Македонија на патот на ЕУ“ се одржа на Античкиот театар во Охрид во присуство на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

    „Сакам да ги охрабрам луѓето во вашата прекрасна земја да ја прифатат оваа историска можност. Доколку го поддржите договорот, тоа ќе биде значаен знак дека Македонците се силно посветени на демократијата, владеењето на правото, независноста на судството, тие ќе станат круцијален дел на обединета Европа. Мора да ја продолжиме нашата соработка, нашето пријателство, заедничките обврски, така што сум голем оптимист во таа насока“, нагласи Рот.

    Министерот Никола Димитров рече дека посетите на канцеларката Ангела Меркел, денешната посета на Рот, како и веќе најавените посети на неговиот германски колега, како и министерката за одбрана, се потврда на силниот интерес на Германија за Македонија конечно да застане на нозе и да зачекори напред.

    „На 30 септември имаме голема, историска крстосница. Мислам дека ќе успееме, влогот е голем, пораките се јасни, никој не знае дали оваа наша генерација ќе има следна шанса. Јасно е дека Договорот тешко поминува и во Грција тоа значи дека е одвај најден заеднички јазик. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик. Вчера премиерот во Стразбур за првпат се обрати на македонски јазик, доби овации. И ако вчера Европарламентот стана на нозе за европска Македонија, ние ќе станеме на нозе за истата кауза и на 30 септемви“, вели министерот Никола Димитров.

    Димитров се осврна и на односот на најголемата опозициска партија околу референдумското изјаснување.

    „Десет години да зборувате за референдум и на секое можно прашање да велите дека кога ќе најдеме заеднички јазик со Грција ќе ги прашаме граѓаните, а потоа повторно да немате јасен став, тоа е бегање од одговорност и бегање од соочување со волјата на народот. Што не е добро за партија што често се дрзнува за зборува во име на народот. Народот зборува преку гласање“, кажа Димитров по однос ставот на најголемата опозициска партија околу претстојното референдумско изјаснување.

    Во врска со македонските национални кодови, Димитров рече дека тие остануваат и „МК“ и „МКД“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира