МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ЗАВИСИ САМО ОД ЕДЕН ИЗВОР НА ПРИРОДЕН ГАС, СЕ ПРИКЛУЧУВА НА ГАСОВОДОТ ОД ГРЦИЈА

    МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ЗАВИСИ САМО ОД ЕДЕН ИЗВОР НА ПРИРОДЕН ГАС, СЕ ПРИКЛУЧУВА НА ГАСОВОДОТ ОД ГРЦИЈАВладата донесе одлука за вложување во реализација на проектите Терминал на течен природен гас Александропулос и Гасна централа Александропулос.(Фото: Влада на РСМ)

    Македонија ќе учествува во изградбата на терминал и гасна центра за течен природен гас Александропулос. Вложувањето е дел од проектот за воспоставување нов енергетски пазар што ќе го предводи Грција за прием на природен гас, а земјава ќе увезува и ќе биде дистрибутивна точка во регионот со оглед на географската поставеност.

    „Владата на вчерашната ја разгледа и усвои потребата од склучување меморандуми за реализација на проектите Терминал на течен природен гас Александропулос и Гасна централа Александропулос, односно за вложување од страна на Северна Македонија во овие меѓународни проекти“, соопштија од Владата.

    Со овој проект, Македонија и земјите од регионот со релативно мала побарувачка на енергенси ќе може да се приклучат и повеќе да не бидат зависни од само еден извор на енергија.

    Развивањето на новиот енергетски пазар и учеството на Македонија во него беше најавено лани во октомври, при посетата на помошник-државниот секретар за енергетика на САД Френсис Фенон. По средбата со премиерот Зоран Заев, Фенон кажа дека регионот во моментов има еден добавувач на енергија.

    „Кога некоја држава е зависна само од еден снабдувач, тоа влијае на начинот на кој таа може да функционира и да ги реализира своите политики и развојот. САД има долгорочен интерес за безбедноста на енергетиката во однос на зависноста од енергија. Ако имате само еден извор, тоа не е пазар. Тоа е зависност. САД сака да види креирање на пазарот и креирање на опции. САД се едната опција. Ние сме горди што само што почнавме да извезуваме природен течен гас”, кажа тогаш помошникот-државен секретар на САД за енергетика.

    Премиерот Заев тогаш кажа дека поврзувањето на енергетските коридори преку Бугарија и Грција, е од суштински и долгорочен интерес за земјава.

    „За време на посетата на Атина добивме поддршка од конзорциумот ‘Гастрејд’ за вклучување на Северна Македонија во изградба на терминалот за течен гас во близина на Александрополис во Грција. Со ова се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која потоа ќе стане точка од која ќе се дистрибуира гас пошироко во регионот. Со тоа добиваме уште една можност за снабдување со гас од Азербејџан, од терминалите во Грција, Израел и други земји од источниот Медитеран. Овие проекти на нашата земја ќе и обезбедат стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени”, кажа Заев лани во октомври.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира