МАКЕДОНИЈА ОД УНЕСКО ПОБАРАЛА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ЗА ДА ГО ПРЕВЕДЕ НА АНГЛИСКИ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ОХРИД

    МАКЕДОНИЈА ОД УНЕСКО ПОБАРАЛА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ЗА ДА ГО ПРЕВЕДЕ НА АНГЛИСКИ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ОХРИД„Ова дополнително време е потребно извештајот, кој е готов, уште еднаш да помине на проверка во надлежните министерства и државни органи, како и извештајот да се преведе на англиски“, вели Министерството за култура; -Охрид (Фото: СДК.МК)

    Македонија побарала од УНЕСКО продолжување на рокот во кој земјата требаше да поднесе извештај за напредокот во имплементацијата на забелешките и препораките за Охрид, што ги доби лани во јуни на 41. седница на Комитетот за светско наследство. Овој рок УНЕСКО го постави по реактивната мониторинг мисија на Центарот за светско наследство, ИУЦН и ИКОМОС и тој истече на први февруари. Од тоа дали и колку се исполнети препораките и забелешките, ќе зависи дали Охрид ќе биде ставен на листата на Светско наследство во опасност, по што ќе следи и бришење од листата на Светско наследство на УНЕСКО.

    „Побаравме административно продолжување на рокот во кој требаше да го доставиме извештајот за напредокот во имплементација на препораките за заштита на Охридскиот Регион, кои УНЕСКО ги даде на седницата лани во јуни во Краков. Во барањето образложивме дека поради специфичните општествени околности, трансфер на власта и одржување на локални избори, ја оневозможија земјата соодветно во роковите да постапи по препораките на УНЕСКО. Исто така, ова дополнително време е потребно извештајот, кој е готов, уште еднаш да помине на проверка во надлежните министерства и државни органи, како и извештајот да се преведе на англиски“, вели Петрит Сарачини, портпарол на Министерството за култура.

    Тој вели дека Македонија презела голем број активности по препораките од УНЕСКО и дека очекуваат позитивен повратен извештај, како и натамошни препораки од Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации во делот на заштитата на културното и природното наследство на Охрид.

    „Кога ќе го доставиме извештајот до УНЕСКО, на увид на јавноста ќе презентираме што е преземено по препораките за заштита“, вели Сарачини.

    Здружението „Охрид СОС“ непосредно пред истекот на рокот за доставување на извештајот потсети дека во мерките за заштита на Охрид треба трајно да се отфрли планот за изградба на ски центар во националниот парк Галичица и трајно да се отфрли изградбата на планираниот експресен пат низ Галичица.

    „Потребно е да се прогласи мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи, како што се: план за управување, урбанистички или мастерплан за крајбрежјето врз основа на исклучителната универзалната вредност на доброто, сè додека не се донесе соодветна правна регулатива и не се воспостави ефикасна контрола“, рекоа од Охрид СОС минатата недела.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари