Граѓаните ја оцениле работата на Собранието со просечна оценка 2.7, на скалата од 1 до 5. Тоа е умерено ниско задоволство, оценува Институтот за демократија „Социетас цивилис“, во објавеното истражување за перцепцијата на граѓаните врз Собранието, што вчера беше претставено во Парламентот.
Но, перцепцијата кај граѓаните е дека Владата има поголемо влијание врз Собранието отколку што Собранието има ефективна контрола врз извршната власт. Граѓаните сметаат дека Собранието носи квалитетни закони и врши надзор врз Владата со умерен успех, а тоа му се најважните функции.
Во однос на довербата на граѓаните во јавните институции, во 2026 година верските заедници и војската и натаму се институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба, иако кај двете се забележува благ пад во споредба со 2025 година, односно од 6.3 на 5.9 кај верските заедници и од 6.1 на 6.0 кај војската. Потоа следуваат медиумите и полицијата, со средна оцена од 5.3, при што довербата во медиумите бележи благ раст, додека кај полицијата останува непроменета.
„Довербата во Собранието во 2026 година изнесува 4.8, што претставува мало подобрување во однос на 4.6 во 2025 година. Истовремено, довербата во Владата и Претседателот останува непроменета, со средна оцена од 4.7, односно 4.9. Благо зголемување бележат и јавната администрација, од 4.6 на 4.9, здравствените институции, од 4.4 на 5.0, како и невладините организации, од 4.6 на 5.0. Раст, иако умерен, има и кај судството и јавното обвинителство, кои во 2026 година се оценети со 3.5 и 3.6.“, вели истражувањето, кое сепак првенствено се бави со работата на Собранието, на кое граѓаните гледаат многу критички.
Најзапаметени теми од работата на Собранието во 2025 година се надзорната расправа во Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права и слободи, посветена на трагедијата во Кочани, како и дискусиите одржани на пленарните и комисиските седници за усвојувањето на Буџетот за 2026 година и ребалансот на Буџетот за 2025 година. Следува јавната расправа на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија и последиците од пушењето“, интерпелацијата на Панче Тошковски, па расправата за извештајот на Европската комисија (ЕК) за Македонија, ребалансот на Буџетот итн.
„Овие одговори укажуваат дека јавноста од работата на овој пратенички состав, најмногу памети теми што се директно поврзани со работата на власта и финансиите, односно процесите за барање одговорност од извршната власт и донесувањето на Буџетот, кои се клучни елементи во функционирањето на демократскиот систем“, е еден од заклучоците во ова истражување на „Социетас цивилис“.
Повеќе од половина од испитаниците сметаат дека Собранието е недоволно отворено за јавноста, а голем дел од граѓаните не знаат кој е нивниот пратеник и никогаш не контактирале со пратеник.
„Доминира перцепцијата дека пратениците најчесто ги застапуваат сопствените и партиските интереси, додека интересите на граѓаните остануваат во втор план. Перцепциите на граѓаните за јавноста за работата на Собранието упатуваат на ограничена отвореност, ниско ниво на директна комуникација со пратениците и недоволна информираност за постојните механизми за учество“, критикуваат испитаниците.
Постои значителна поддршка за формирање повеќе партиски групи во Собранието, особено за прашања поврзани со младите, антикорупцијата, невработеноста и лицата со попреченост. Забележлива заинтересираност постои и за теми како заштитата на животната средина, социјалната помош и поддршката на жените.
„Постојана е перцепцијата дека пратениците главно ги застапуваат своите лични интереси и интересите на партиските кругови, додека интересите на граѓаните остануваат на маргините. Пратениците се доживуваат како недоволно активни во застапувањето на локални или лични прашања од интерес за граѓаните. Бизнис-заедницата често се спомнува како група чии интереси се застапени, но перцепциите за тоа колку ефикасно Собранието ги зема предвид потребите на приватниот сектор најчесто остануваат умерени“, вели истражувањето.
Граѓаните перципираат дека во собраниските дебати преовладува конфронтација наместо соработка меѓу власта и опозицијата. Мал е процентот на испитаници кои сметаат дека аргументите на спротивниот табор се земаат предвид, а дополнително е присутна и перцепција дека подготвеноста за компромис меѓу партиите е ограничена, особено кај етничките Македонци. Воедно, кај граѓаните и натаму преовладува впечатокот дека пратениците често користат омаловажувачки и деградирачки говор во собраниските расправи.
„Има доминантна перцепција на конфронтација, а не соработка меѓу пратениците од власта и опозицијата. Ниските проценти на позитивни одговори покажуваат дека граѓаните и понатаму имаат ограничена доверба во меѓупартиската комуникација како основа за квалитетно носење одлуки“, се наведува како заклучок во анкетата.
Повеќе од две третини од анкетираните граѓани (64%) имаат впечаток дека пратениците на седниците често или секогаш користат говор со кој ги омаловажуваат и деградираат своите политички противници врз основа на нивната политичка, етничка, верска или родова припадност. Од вкупниот број испитаници, 49% сметаат дека пратениците тоа го прават често, додека 15% оценуваат дека таквиот говор се користи секогаш. Во споредба со 2025 година, се забележува благо зголемување кај уделот на испитаници кои сметаат дека пратениците секогаш употребуваат омаловажувачки и деградирачки речник.
Иако кај граѓаните се забележува благо подобрување во перцепцијата за насоката во која се движи државата, недоволното задоволство и натаму преовладува, а довербата во институциите останува умерена.
„Граѓаните кои имаат ниска доверба во Собранието најчесто се поврзува со перцепции за недоволна професионалност, нечесност, корупција и недоволна насоченост кон јавниот интерес, додека очекувањата на граѓаните и понатаму се насочени кон поголема отчетност, чесност, транспарентност и работа во интерес на граѓаните. Воедно, граѓаните ја перципираат опозицијата како релативно слаба, улогата на Собранието во евроинтеграциите како недоволно јасна, а неговата способност да одговори на предизвици поврзани со националната безбедност како претежно умерена, но со изразена доза на резервираност“, вели истражувањето.
Граѓаните се прашани и дали се случило пратеник или пратеничка да покрене иницијатива во Собранието, или во своите јавни настапи да застапува прашање што е од нивен интерес. И кај ова прашање преовладува негативната перцепција: 51% од испитаниците во 2026 година одговориле дека не се случило такво нешто, додека 17% изјавиле дека се случило. Во споредба со 2025 година, уделот на потврдни одговори е благо намален, од 19% на 17%, додека процентот на негативни одговори е зголемен од 43% на 51%. Истовремено, 31% од испитаниците одговориле дека не знаат или немаат став по ова прашање.
„Овие резултати упатуваат на тоа дека кај мнозинството граѓани и натаму не постои перцепција дека пратениците активно покренуваат иницијативи или застапуваат прашања од нивен интерес“,вели истражувањето.
Граѓаните кои изјавиле дека е важно во Собранието да се формираат повеќепартиски групи, биле дополнително прашани и за тоа за кои прашања е битно да се формираат вакви групи. Така, 58% од испитаниците сметаат дека такви групи треба да се формираат за прашања поврзани со младите, додека 57% сметаат дека треба да се формираат за прашања околу појавите на корупција во државата. Прашањата за невработените лица и лицата со попреченост се посочени од страна на 56% од испитаниците, додека 54% сметаат дека такви групи треба да се формираат за потребите на самохраните родители. Висок процент на испитаници ја посочиле потребата од заштита на животната средина (47%), што не било случај минатите години. Најниско на листата во однос на процентите, со помалку од една четвртина од испитаниците се посочени Ромите ( 22%) и само ЛГБТ+ заедницата (3%) и скоро еднакво со нула – жртвите на насилство.
Испитаниците биле прашани и во која насока сметаат дека се движи животот во Македонија. Околу половина од нив (51%) сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока, додека повеќе од една четвртина од испитаниците (28%) сметаат дека животот се движи во правилна.
Анализата ги прикажува ставовите на граѓаните за работата на Собранието, неговата отвореност, надзорната улога, квалитетот на парламентарната дебата и довербата во институцијата. Истражувањето е спроведено во периодот од 27 февруари до 10 март 2026 година, преку теренска анкета со 1.002 испитаници на целата територија на државата.
С. К. ДЕЛЕВСКА



