МАКЕДОНИЈА ПОДДРЖУВА ПОЗИТИВНО РЕШЕНИЕ ЗА КОСОВО, ВЕЛИ ЗАЕВ, ВУЧИЌ НЕ СЕ МЕША ВО РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО

    МАКЕДОНИЈА ПОДДРЖУВА ПОЗИТИВНО РЕШЕНИЕ ЗА КОСОВО, ВЕЛИ ЗАЕВ, ВУЧИЌ НЕ СЕ МЕША ВО РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТОПремиерот Зоран Заев денеска на граничниот премин Табановце-Прешево со претседателот на Србија Александар Вучиќ го промовираа проектот за интегрирано гранично управување (Фото: Ѓ. Личовски)

    Македонија поддржува позитивно решение за Косово, решение кое што ќе ја унапреди благосостојбата и на Србите и на Албанците и на сите граѓани кои живејат на Косово, изјави премиерот Зоран Заев за најавениот договор на Приштина и Белград за разграничување и можната размена на територии, денеска на граничниот премин Табановце-Прешево, каде со претседателот на Србија Александар Вучиќ го промовираа проектот за интегрирано гранично управување. Со овој проект, полициските, царинските, ветеринарните, санитарните и сите останати контроли за патници и стока на Македонија и Србија се спојуваат во една служба на граничниот премин Табановце – Прешево, со што времето на чекање за влез или излез на патници и стока од двете држави ќе се скусува на пола. Ќе има само едно застанување, на Табановце.

    „Решение кое ќе ја гарантира безбедноста, мирот и просперитетот и на Србија, Косово и на целиот наш регион. Значајно е сите лидери на регионот да бидат обединети околу заедничките цели, а тоа е траен мир, регионална соработка, економски развој и членство во ЕУ“, изјави Заев.

    Претседателот на Србија Алексдандар Вучиќ, на новинарско прашање за ставот на Србија за престојниот референдум за името во Македонија и дали ќе ја повика српската заедница да гласа, одговори дека не сака да се меша во внатрешните работи на други земји но ако Скопје и Атина ќе го решат проблемот тоа е сосема сигурно добра вест и за Белград и за Србија.

    „Јас не сакам да се мешам во внатрешните работи на други земји, ама секогаш позитивно ќе реагираме ако нашите пријатели и соседи се договараат и решаваат проблеми. Тоа се работи против кои никогаш нема да се противиме. Дали ние се радуваме и дали сме задоволни од тоа што Скопје и Атина ќе го решат проблемот, тоа е сосема сигурно добра вест и за Белград и за Србија. Што се однесува за останатите работи, јас ниту имам право некого да повикувам ниту да не го повикувам. Тоа би било нефер и тоа би било директно мешење у внатрешните работи на друга држава. Јас ја почитувам Македонија и затоа тоа нема да го направам. Се што придонесува за регионална стабилност, а решавање на проблемот помеѓу Скопје и Атина, верувам дека луѓето ќе го поздрават“, изјави Вучиќ.

    Со проектот за интегрирано гранично управување, полициските, царинските, ветеринарните, санитарните и сите останати контроли за патници и стока на Македонија и Србија се спојуваат во една служба на граничниот премин Табановце – Прешево, со што времето на чекање за влез или излез на патници и стока од двете држави ќе се скусува на пола, ќе има само едно застанување, на Табановце (Фото: Ѓ. Личовски)

    Земјите на Балканот губат 1 милијарда долари годишно поради долгите чекања на граница, затоа е значаен концептот за заеднички гранични контроли меѓу земјите во регионот, рече Заев на промоцијата на проектот интегрирано гранично управување.

    „Податоците од Светска банка покажуваат дека на Балканскиот полуостров се губи една милијарда долари годишно чекајќи на граничните премини. Транспортните средства или камионите 80 отсто од времето го поминуваат чекајќи на граница, а 20 отсто од времето по автопатите и патиштата на Балканот. Сите тие податоци ни кажуваат дека треба брзо да делуваме и да им помогнеме на стопанствениците, трговијата и стоковата размена што се случува овде на Балканот. Тоа е нашата функција да бидеме од корист на граѓаните и на стопанството“, рече Заев.

    Вучиќ, рече дека Србија и Македонија се првите земји во регионот кои ќе започнат ваква соработка.

    „Суштината на резултатите на крајот се луѓето да не губат двапати време за иста работа на овие 500 метри или километар. На едно место да ги извршат сите прегледи, царински, ветеринарски и да се задржат двојно помалку отколку сега. Тоа е од големо значење и за едната и за другата земја и за стопанската соработка и туристите. Тоа дополнително ќе ги потикне луѓето да го користат овој премин и да поминуваат низ нашите земји многу побргу и многу поедноставно“, рече Вучиќ.

    Заев и Вучиќ најавија дека до крајот на годината ќе се потпишат сите билетерални договори и спогодби помеѓу Царините на Македонија и Србија, МВР, Фитосанитарната управа, Ветеринарските служби, а по одржување на заедничката владина седница и официјално ќе стартува овој значаен проект. Објектот што ќе ги опслужува границите на двете земји се наоѓа во Табановце.

    Проектот заедничко гранично управување се реализира преку Светска банка, а предвидено во Регионалниот план за економска интеграција за Западен балкан, што премиерите лани го потпишаа во Трст.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира