Повеќе тони метали, катализатори, пакувања од хартија и картон, масти и масла, железо и челик, троска и метал завршиле во Македонија од земјите на Европската унија (ЕУ), но и од регионот во текот на минатата година, објави „Дојче веле“. Со постапката за увоз на неопасен материјал во 2024, во земјата пристигнале и повеќе тони пластика, катализатори, олово, стакло, алуминиум, бронза, месинг, маст и масло за јадење.
Најголемиот дел од металите се увезени од Бугарија, Косово, Србија и Швајцарија. Од Италија пристигнале 1.500 тони олово, а од Сараево 2.000 тони алуминиум. Македонска компанија од Кина увезла 5.000 тони бакар, бронза и месинг, а од Приштина во земјата влегле 1.000 тони масти и масла. Ова го покажуваат официјалната евиденција на Министерството за животна средина, во чии рамки функционира и посебен оддел за транзит, увоз и извор на неопасен отпад.
Дел од македонските фирми увезувале од земји-членки на ЕУ, но најголемиот дел од увозот сепак е поврзан со земји од соседството, коишто не се дел од Унијата, па според тоа не подлежат ниту на новите зајакнати регулативи, коишто ќе треба да стапат на сила во наредните две години. Со нив треба да се спречи илегален извоз на отпад од земјите членки на ЕУ во трети земји и да се осигура еколошко управување со увезениот отпад.
Македонија со години увезува многу повеќе отпад отколку што произведува. Само во периодот од 2012 до 2014, според пресметките објавени пред неколку години, во земјата биле увезени над осум милиони и 200 илјади тони отпад. Податоците на Државниот завод за статистика, пак, посочуваат дека годишно во земјата се создава комунален отпад од 856.766 тони. Годишното количество создаден комунален отпад по жител во 2022 година изнесува 467 килограми или 1.28 килограм на ден. За споредба, во 2021 година, секое лице кое живее во ЕУ генерирало 36,1 килограм отпад од пластична амбалажа. Обемот на генериран отпад од пластична амбалажа по жител се зголемил за околу 29% помеѓу 2010 и 2021 година.
Во услови на енормна загаденост на воздухот во земјата, стравувањата од тоа што се согорува во индустриските капацитети и дали инспекторите навреме ги детектираат евентуалните прекршувања на законите, во јавноста бурни реакции предизвика информацијата дека Македонија е меѓу 24 земји коишто од Европската комисија побарале да увезуваат отпад од ЕУ, и по стапувањето на новата регулатива, со која се воведуваат построги контроли и правила.
Увозот, извозот и транзитот на отпад во Македонија се врши согласно членовите 92,93,94,95,96,97 од Законот за управување со отпад, како и според Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на опасен отпад и негово складирање. Праксата за увоз на отпад во земјата не е ништо ново и се одвива со години. Новина се новите регулативи на Европската унија за пратките на отпад од 20 мај 2024. Со нив почнувајќи од 21 мај 2027, ЕУ воведува построги правила за извоз на неопасен отпад. Имено, извозот на неопасен отпад, или познат како отпад од „зелена листа “, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите, кои иако не се членки на ОЕЦД, имаат капацитети кои ги исполнуваат условите за заштита на животната средина за преработка на овој отпад.
„Целта на новата регулатива е да се зајакне спроведувањето на законодавството во насока на спречување на илегален извоз на отпад од земјите членки на ЕУ и во трети земји, а со цел да се осигура еколошки здраво управување со пратките на отпад во ЕУ и надвор од ЕУ“, велат од Министерството за животна средина.
Сите земји кои сакаат да увезуваат неопасен отпад од ЕУ потребно е да ја известат Европската Комисија за нивната подготвеност и да ја потврдат нивната способност да го управуваат отпадот на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ законодавството. Иако новата Регулатива стапи на сила на 20 мај 2024, повеќето одредби ќе се применуваат од 21 мај 2026, а повеќето правила за извоз ќе се применуваат од 21 мај 2027. Согласно регулативата, почнувајќи од 21 ноември 2026 ќе има целосна забрана за извоз на отпад од пластика до 21 мај 2029, вклучувајќи го и неопасниот отпад од пластика (B3011). B3011 е специфичен код за отпад според Базелската конвенција што класифицира одредени видови na отпадна пластика за рециклирање, велат од Министерството.