МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА СЕ НАМАЛИ ЗА 12,7 ОТСТО ВО ВТОРОТО ТРИМЕСЕЧЈЕ, ЗАЕВ НАЈАВИ НОВ ПАКЕТ МЕРКИ, ОВОЈПАТ БЕЗ ЗАДОЛЖУВАЊЕ

    МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА СЕ НАМАЛИ ЗА 12,7 ОТСТО ВО ВТОРОТО ТРИМЕСЕЧЈЕ, ЗАЕВ НАЈАВИ НОВ ПАКЕТ МЕРКИ, ОВОЈПАТ БЕЗ ЗАДОЛЖУВАЊЕИзвозот во вториот квартак опаднал за 32 отсто, а увозот за 30,2 отсто. - Деца трчаат низ фонтана на Плоштад Македонија во Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Македонската економија се намали за 12,7 отсто во вториот квартал од годината, соопшти Државниот завод за статистика. Станува збор за месеците април, мај и јуни, кога во сила беа најстрогите мерки за заштита од пандемијата на коронавирус. Потрошувачката на домаќинствата, чие што учество во БДП е околу 70 отсто, во овој период се намалила 9,9 отсто, извозот опаднал за 32 отсто, а увозот за 30,2 отсто.

    Премиерот Зоран Заев, зборувајќи за податоците за БДП по средбата со Сојузот на синдикати, вчера кажа дека ваквите бројки се очекувани и очекува годината да ја завршиме со пад на БДП од 4 отсто, како што беа и проекциите.

    „Уште на почетокот на кризата, рековме дека најпогоден ќе биде вториот квартал. Март, април и мај се со минус 12,7 проценти. Нашата економија 60 проценти е поврзана со европската економија и голем дел од работите не зависат само од нас. Германската економија паѓа многу повеќе од нас, како и другите земји со кои трговски сме поврзани. Но, во вториот квартал имаме и раст во неколку гранки како што е земјоделството и неколку други што покажува дека домашниот перформанс е добар во вториот квартал и верувам дека ќе се задржиме на севкупниот пад на БДП да биде еден од најслабо погодените во регионот со намалување не повеќе од минус четири проценти во вкупниот раст“, кажа Заев.

    Германската економија во вториот квартал се намали за 10,1 отсто, а на ниво на цела ЕУ, БДП имаше пад од 12,1 отсто, според податоците на Евростат.

    Заев најави уште еден пакет мерки за поддршка на македонската економија, за кој што рече дека државата нема да задолжува, како што беше случај со претходните три пакети.

    „За новиот пакет мерки немаме потреба од задолжување, секако не земајќи го предвид нератификуваниот договор со Светска банка, кој е за здравството и социјалната заштита кој не сакаше да биде потпишан од дополнителната заменичка за финансии во техничката влада“, кажа Заев.

    Во првиот квартал, македонскиот БДП падна за 0,2 отсто.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира