МАКЕДОНСКИТЕ ТУРИСТИ ПОВЕЌЕ ИМ ВЕРУВААТ НА КОМЕНТАРИТЕ ВО ФЕЈСБУК ГРУПИТЕ ОТКОЛКУ НА КРИТИКИТЕ НА „БУКИНГ“ И „ТРИПАДВАЈЗЕР“ – ПОДКАСТ СО ТУРИСТИЧКАТА АГЕНТКА СНЕЖАНА НЕСТОРОСКА

    МАКЕДОНСКИТЕ ТУРИСТИ ПОВЕЌЕ ИМ ВЕРУВААТ НА КОМЕНТАРИТЕ ВО ФЕЈСБУК ГРУПИТЕ ОТКОЛКУ НА КРИТИКИТЕ НА „БУКИНГ“ И „ТРИПАДВАЈЗЕР“ – ПОДКАСТ СО ТУРИСТИЧКАТА АГЕНТКА СНЕЖАНА НЕСТОРОСКА

    Турција и Египет се едни од најбараните дестинации од македонските туристи годинава, вели Снежана Нестороска, агентка во скопска туристичка агенција, во подкастот на САКАМДАКАЖАМ.МК „За секого по нешто“. Нестороска вели дека луѓето сѐ почесто резервираат онлајн, и има клиенти кои воопшто не доаѓаат во агенцијата, туку целиот процес го прават онлајн и преку социјалните мрежи.

    „Ако некој сака убаво море, го праќаме во Бодрум или во Египет, во Хургада, каде што е интересно за нуркање, а услугата е дефинитивно неприкосновена во Анталија. Ако порано клиентите повеќе се јавуваа или доаѓаа во агенција, сега целата процедура ја правиме преку Инстаграм или преку Фејсбук. Веројатно, брзината на животот си го направи своето. Имав една ситуација кога една клиентка требаше да ја известам дека ѝ доцни авионот, а таа во меѓувреме го сменила бројот. Настана паника, па ѝ пишав на Инстаграм и веднаш ми одговори. Цените годинава се повисоки и ни се случува клиентите да бараат попуст веднаш штом ќе влезат во агенцијата“, вели Нестороска.

    Подкастот со Снежана Нестороска можете да го гледате тука:

    „Има луѓе кои ги читаат критиките за хотелите на ‘Трипадвајзер’ и на ‘Букинг’, но некои повеќе веруваат на коментарите во фејсбук групите“, додава Нестороска.

    Таа додава дека при резервација се најбитни очекувањата на клиентите. Се случило, клиенти кои резервирале хотел со 5 ѕвезди во Турција со услуга „ултра сè вклучено“, очекувале дека треба да имаат услуга од 24 часа. Разликата помеѓу „сè вклучено“ и „ултра сè вклучено“ подразбира поголем избор на алкохолни пијалоци, а секој хотел има своја политика што ќе вклучи во таа услуга.

    „Некои хотели имаат полноќни ужини, некои немаат, сметајќи дека луѓето спијат во тоа време. Клиентката очекувала услуга од 24 часа, па ја одби понудата и го откажа аранжманот“, ни рече Нестороска.

    Вели дека имало разни смешни, но и симпатични ситуации со клиентите.

    „Еден клиент нè праша до колку килограми вклучен чекиран багаж има со авионскиот билет, и праша дали се мери и куферот на аеродром или алиштата ги вадат од него и се мерат посебно. Сепак, подобро е да прашаат, отколку да се соочат со некој проблем на лице место. Се случува и да ни се јават да се пожалат дека немало батерии во далечинското од телевизорот во собата. Во тие ситуации ги замолуваме да се обратат на рецепција во хотелот. Разбираме дека луѓето доаѓаат за убава работа кај нас и очекуваат да добијат сè најдобро“, вели Нестороска.

    Таа се сеќава на необична анегдота со клиенти кои патувале преку агенцијата во луксузен хотел со поскапа цена во Турција. Следната година , од агенцијата побарале патување по пониска цена, но со ист квалитет на хотел.

    „Им понудив нешто најсоодветно за буџетот кој го имаа, знаејќи ги нивните очекувања од минатата година. Кога ни се јавија од таму, дознав за некои зборови во македонскиот јазик за кои не сум знаела дека постојат. Потоа доаѓаа, се закануваа, но договорот е оној којшто е и за нив и за нас валиден како документ“, вели Нестороска.

    Нестороска вели дека туристичките работници треба да се добри психолози, а тие најчесто одат на годишен одмор на крајот од сезоната, затоа што за време на гужвите е невозможно да се стаса.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира