МАКРОН ГИ ПОВИКАЛ ПЕТКОВ И РАДЕВ ВО ПАРИЗ ДА ИМ ПРЕЗЕНТИРА ПРЕДЛОГ ЗА СИМНУВАЊЕ НА ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈА

    МАКРОН ГИ ПОВИКАЛ ПЕТКОВ И РАДЕВ ВО ПАРИЗ ДА ИМ ПРЕЗЕНТИРА ПРЕДЛОГ ЗА СИМНУВАЊЕ НА ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈАПремиерот Димитар Ковачевски на 18 мај се слушна со Макрон и по телефонскиот разговор кажа дека нема време за губење и секое натамошно одложување на преговорите може да донесе регионални и безбедносни предизвици. (Фото: Влада)

    Францускиот претседател Емануел Макрон ги повикал премиерот и претседателот на Бугарија, Кирил Петков и Румен Радев, на средба во Париз да им презентира предлог за симнување на бугарското вето за почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, објави бугарската агенција БГНЕС, повикувајќи се на извори во партиите членки на бугарската владина коалиција.

    Според изворите на БГНЕС, Франција бара брзо решение за бугарското вето поради желбата на Украина да започне преговори за членство во ЕУ, а би претставувало многу лош сигнал ако Киев добие покана, а Македонија и Албанија продолжат да чекаат. Планот на Макрон е да се најде решение пред состанокот на КОРЕПЕР на кој учествуваат постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ, кој ги подготвува состаноците на Европскиот совет на министерско ниво.

    Според БГНЕС, на петочната седница на бугарскиот Совет за безбедност на која се разговараше за Македонија, владин претставник кажал дека Софија добила ветување од Париз дека сите бугарски барања ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија и дека нивното спроведување ќе го гарантира лично Макрон.

    Но, според друг учесник на седницата на Советот за безбедност, францускиот план содржи предлози кои не се целосно јасни и воопшто не е сигурно дека Европската комисија може да даде гаранции за нивно спроведување во иднина.

    Наредниот состанок на Европскиот совет е на 23-24 јуни, кога паралелно ќе се одржи и средба на ЕУ со лидерите од Западен Балкан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира