МАМОГРАФОТ ВО БОЛНИЦАТА „НАУМ ОХРИДСКИ“ СЕ РАСИПАЛ ОД ПРЕКИН НА СТРУЈА

    МАМОГРАФОТ ВО БОЛНИЦАТА „НАУМ ОХРИДСКИ“ СЕ РАСИПАЛ ОД ПРЕКИН НА СТРУЈАПациентките велат дека и да сакаат на друго место не можат да се прегледаат, оти за мамограф нема слободен термин скоро цел месец. (Фото: М. Златевска)

    Мамографот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, или поранешна градска болница, е во дефект, кој настанал при краткотраен прекин во снабдувањето со електрична енергија, велат од Министерството за здравство.

    Утрово дел од пациентките кои имале закажан преглед на мамограф биле вратени со објаснување дека апаратот не работи и дека ќе ги известат дополнително кога повторно да дојдат на преглед.

    „За овој термин во ’Св. Наум Охридски‘ чекав скоро еден месец откако ми закажа лекарката. А што е најтрагично и да сакам на друго место да одам на мамограф, не можам. Матичната вели дека никаде нема слободни термини до 20 март, и тоа прв слободен термин е пак во бивша градска болница“, вели пациентка од Скопје.

    Од Министерството за здравство велат дека се работи на проблемот и дефектот наскоро ќе биде отстранет.

    „Согласно информациите од Клиниката за хируршки болести ’Св. Наум Охридски‘ стапено е во контакт со фирмата која е овластен сервисер, и веќе утре ќе биде сервисиран дефектот на мамографот. Станува збор за помал дефект кој е настанат при краткотраен прекин во снабдувањето со електрична енергија“, велат од Министерството за здравство.

    Пред околу еден месец во „Св. Наум Охридски“ не работеше компјутерскиот томограф, а во исто време во дефект беше и компјутерот на Клиниката за радиологија, поради што сите пациенти ги препраќаа во ГОБ „8 септември“. Пред две недели пак се расипа рендген апаратот во „Св. Наум Охридски“ и пациентите на кои им беше потребна операција под рендген апарат ги препраќаа во „8 септември“.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира