МАРТИН ПРОТОЃЕР СЕ ПРИЈАВИ ВО СУДОТ ЗА „ТИТАНИК“

    МАРТИН ПРОТОЃЕР СЕ ПРИЈАВИ ВО СУДОТ ЗА „ТИТАНИК“На Мартин Протоѓер, обвинет во случајот на СЈО „Титаник“ за злосторничко здружување, кршење на избирачките права и злоупотреба на службените овластувања, одземен му е пасошот и има обврска една неделно да се јавува во Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    Мартин Протоѓер, поранешниот шеф на кабИнетот на експремиерот Никола Груевски и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, обвинет во случајот на СЈО „Титаник“ за злосторничко здружување, кршење на избирачките права и злоупотреба на службените овластувања, денеска се јави во Кривичниот суд. На 3 јули Судот го одби предлогот на СЈО за притвор за Протоѓер и другите обвинети во овој случај Никола Груевски, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, и им определи мерки за претпазливост – обврска да се јавуваат кај надлежно службено лице во суд еднаш неделно, привремено одземање на пасошите и забрана за издавање нови и привремено одземање на дипломатските пасоши.

    Протоѓер е осомничен и во случајот „Талир“ за перење пари преку донациите на ВМРО-ДПМНЕ во вредност од 4,9 милиони евра.

    На 21 јули, кога СЈО повторно побара притвор за него, Протоѓер не дојде во Апелациониот суд Скопје, а неговиот адвокат рече дека  иако бил на лекување во унгарската воена болница, се вратил кога ја дознал мерката одземање на пасошот, го депонирал пасошот и го продолжил лекувањето во Македонија, каде што останал на отворено боледување. Седницата се одржа во негово отсуство.

    СЈО тогаш тврдеше дека иако сопругата на Протоѓер ги примала поканите за распит, тој не се јавувал во обвинителството и сметаше дека има опасност од бекство, зашто може тоа да го стори и со лична карта. Акцентот СЈО го стави и на опасноста од влијание врз сведоците во „Титаник“. Обвинителот Гаврил Бубевски рече оти нема информации за каква болест се работи и дали таа евентуална дијагноза може да се третира во затворска институција, поради тоа што Протоѓер не доставил извештај од специјалист.

    Неговата одбрана рече дека нема докази дека Протоѓер ќе бега.

    „Човек што на сопствен ризик го прекинал лекувањето и веднаш се вратил во Македонија и дошол на шалтер да го остави пасошот, не дава сигнали дека ќе бега од Македонија“, рече тогаш неговиот адвокат.

    На 23 јули, тричлениот судски совет од одделот за организиран криминал и корупција на Аплација на чело со судијката Лилјана Шопова, одлучи да одговори негативно на жалбата на СЈО и да не им одреди притвор на главните петмина обвинети во случајот „Титаник“, а исто така ги одби и нивните жалби да им се вратат пасошите.

    Со тоа, останаа и законските обврски еднаш во неделата задолжително во Основниот суд Скопје 1 да се јавуваат Груевски, Јанкулоска, Јанакиески, Протоѓер и Божиновски.

    Мартин Протоѓер беше на чело на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ за време на изборите во 2006, 2008, 2009 и во 2011. Три години беше и генерален секретар на партијата, но си поднесе оставка во 2011, една година пред официјално да му истече мандатот. Остана вработен како шеф на кабинет во кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски, сѐ до неговата оставка на 18 јануари, 2016. Од 29 јули годинава не е веќе член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а според непотврдени извештаи од април е вработен во партијата.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира