Над 300 жители на Гостивар и околните села од вчера вечер и во текот на целиот денешен ден барале медицинска помош во општата болница во Гостивар, бидејќи имале стомачни болки, пролив, повраќање и малаксаност. Според информациите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во момнетов сѐ уште има нови пациенти кои бараат помош на инфективното одделение во гостиварската болница, но дека сите по укажаната помош, веднаш заминуваат дома и повторно не се јавуваат со здравствени проблеми.
„Сите пациенти по еден или два часа заминуваат дома, и повторно не се враќаат со здравствени проблеми. Кај сите се истите симптоми со тоа што немаат покачена температура. Од направените епидемиолошки испитувања што ги прават наши инспектори и екипите на регионалниот Центар за јавно здравје во Гостивар констатирано е дека не станува збор за труење со храна, бидејќи нема поврзаност дека консумирале храна од едно исто место. Во тек се испитувањата за други можни причинители за оваа состојба, односно не е исклучена можноста за труење од друг извор, но дефинитивно не станува збор за труење со храна“, вели д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Таа додава дека од испитувањата на земените мостри од вода и од оние од пациентите, ако покажат дека причинител за состојбата е од доменот на работа на Инспекторатот, ќе преземат конкретни и соодветни мерки.
„Во постојана комуникација сме и со болницата во Гостивар и со Центарот за јавно здравје во Гостивар и штом добиеме податоци ќе ја известиме јавноста“, вели Сотирова Бухова.