Лидерот на ДПА Мендух Тачи се појави на распит во СЈО.
Од СЈО категорично одбиваат да откриваат детали за предистражните постапки.
Во ДПА викендов за САКАМДАКАЖАМ изјавија дека Тачи е повикан како сведок во предистражна постапка во врска со некаква истрага за дела што произлегоа од аудио снимките од таканаречените бомби – прислушуваните разговори што лани ги објави опозицијата.
Во бомбите за изборните измами, меѓу другото, имаше разговор во кој Сашо Мијалков, тогашен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање бара од Тачи членот од ДПА во ДИК да гласа да се усвои приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за Струмица. По ова, Тачи му се јавува на Бедредин Ибраими, членот на ДПА во ДИК, и дава налог како да се гласа во Комисијата и да се даде поддршка за Струмица, во замена за поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за Чаир.
„Тука сум, ако треба нешто, кажи, за сé, до смрт“, се слуша како му вели Тачи на Мијалков, а потоа му дава налог на Бедредин Ибраими.
Бедредин Ибраими е член на Државната изборна комисија и во сегашниот состав.