МЕСТО КАЈ ИНСПЕКТОР ОД УБК, ПРИСЛУШУВАЧ СЕ ЈАВИЛ КАЈ ТАРГЕТОТ ШТО ГО ПРИСЛУШУВАЛ, СВЕДОЧЕШЕ ЗВОНКО КОСТОВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    МЕСТО КАЈ ИНСПЕКТОР ОД УБК, ПРИСЛУШУВАЧ СЕ ЈАВИЛ КАЈ ТАРГЕТОТ ШТО ГО ПРИСЛУШУВАЛ, СВЕДОЧЕШЕ ЗВОНКО КОСТОВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Сведокот Звонко Костовски (лево) со обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов пред Основниот суд Скопје 1. (Фото: СДК.МК)

    Звонко Костовски од УБК, кој повеќе од два месеца сведочи за масовното нелегално прислушување во предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“, денеска одговара на вкрстени прашања од обвинетите, меѓу кои е и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков.

    „Имаше често јавување на репродуцерите на прислушуваните разговори во УБК кај инспекторите во УБК. Дури и еднаш се случи репродуцер, место кај инспектор, да се јави кај таргет што беше прислушуван“, ѝ одговори на вкрстено прашање сведокот Звонко Костовски на обвинетата началничка Надица Николиќ.

    Костовски, одговарајќи на нејзините прашања, ѝ го освежи сеќавањето дека обвинетата Николиќ во туѓо име се логирала со други кориснички имиња, за да види што другите корисници, прислушувачи, гледаат во системот.

    Потоа таа го потсети Костовски дека тоа било еднаш, инцидентно, кога имало хаварија на телефоните во Бирото за јавна безбедност, од каде имало нарачки за таргетирање и прислушување на лица.

    Во овој предмет за злоупотреби на двата система за прислушување во УБК, но и за нивно уништување откако почна СДСМ да ги објавува прислушуваните разговори, обвинети се и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошковски, како и уште 5 нелегални прислушувачи од УБК, покрај Николиќ. Со пасошот на едниот од нив, на обвинетиот Владимир Варелов, неговиот тогашен шеф Горан Грујевски ја напушти државата, влезе во Грција и доби азил.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира