Премиерот Христијан Мицкоски вели дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во вредност од 560 милиони евра. Станува збор за тендер објавен од минатата Влада за изградба на железница од Крива Паланка до границата со Бугарија, проект за кој оваа Влада најави дека нема да го прави бидејќи е лош и завршува во слепа улица и тунел и нема изгледи дека ќе биде продолжен од бугарската страна.
„Нудењето поткуп не оди јавно на емисија или преку документ на кој треба да се потпишеме заедно двете страни дека јас ти нудам поткуп, па ти го прифаќаш. Знаеме како оди тоа преку канали и еве сега кажувам дека за пругата кон Бугарија имаше обид да ми биде понуден поткуп за да ја прифатам оваа тендерска документација која истекува 17 септември. Јас кажав дека овој тендер нема да го прифатам и така ќе биде“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за реформската агенда 2024-2027 за членство во Европската унија.
Мицкоски додаде дека „сите оние институции кои треба да бидат информирани, се информирани“, во врска со поткупот.
Владата парите од овој проект обезбедени од ЕУ, ќе бара да се пренаменат за други проекти како што е изградбата на Коридорот 10.
„Тоа се пари на европските даночни обврзници, наидоа на разбирање и понатаму дијалогот со бугарската страна ќе се одвива во Брисел“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА