МИЛИОН И ПОЛ ЕВРА СИ ДОБИЛ ПОКЛОН, ЗАРЕМ ТРЕБА УШТЕ, МУ СЕ УФРЛИ РУСКОВСКА НА БОКИ 13 ПРИ ИСПРАШУВАЊЕТО НА СВЕДОКОТ АНА КАМЧЕВА

    МИЛИОН И ПОЛ ЕВРА СИ ДОБИЛ ПОКЛОН, ЗАРЕМ ТРЕБА УШТЕ, МУ СЕ УФРЛИ РУСКОВСКА НА БОКИ 13 ПРИ ИСПРАШУВАЊЕТО НА СВЕДОКОТ АНА КАМЧЕВАБоки 13 ја праша Ана Камчева дали се сеќава дека лично таа му готвела специјалитети додека го снимале, но судијката не го дозволи прашањето. - Обвинителката Вилма Русковска, обвинетиот Боки 13 и сведокот Ана Камчева на денешното судење за „Рекет“ (Фото: К. Попов)

    Во продолжение на денешното сведочење во „Рекет“ на Ана Камчева, сопруга на Орце Камчев, првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 ѝ поставуваше директни прашања.

    „Дали се сеќавате што ми зборувавте при нашите средби за сопругот Орце Камчев, за неговата мајка и сестрата?“, праша Боки 13, но судијката Васка Николовска-Масевска кажа дека прашањето е ирелевантно, бидејќи други лица се обвинети.

    „Ако се обвинети други, зошто тогаш се спомнува Васил Димишков, ни тој не е обвинет?“, потпраша Боки 13, но ниту тоа прашање не беше дозволено.

    „Колку средби сте имале со мене во 1ТВ?“, ја праша Боки 13 Ана Камчева.

    „Многу“, одговори таа.

    „Па нели рековте две или три?“, праша Боки 13.

    „Реков две или три на кои ги договаравме условите за парите“, кажа Камчева.

    Потоа Боки 13 побара од неа да ги опише нивните средби.

    „Не се сеќавам за други разговори. Се сеќавам на канцеларијата како изгледаше и на разговорите за кривично-правниот настан“, одговори сведокот.

    „Дали сметате дека сите чекори ги правевте по наредба на лицето Зоран Милески?“, продолжи да ја прашува Боки 13 сведокот Камчева во директно испрашување. „Дали госпоѓо Камчева ги следевте сите напатствија од Милески?“

    „Да“, одговори Камчева.

    На прашање на Боки 13, Камчева одговори дека не се сретнала со директорот Горан Николовски во УБК, зашто таму работел Јовче Ременски, сопруг на Фросина Ременски, пријатели на Бојан Јовановски.

    „Кога за првпат дојдов и по чие барање во вашата велелепна куќа?“, праша Боки 13.

    „Веднаш кога излезе Орце од притвор“, одговори Камчева.

    „Дали се сеќавате дека вие лично ми готвевте специјалитети додека сте ме снимале?“, праша Боки 13.

    „Прашањето не се дозволува, неважно е за ова обвинение, поднесете си кривична пријава за ова“, го прекина судијката Васка Николовска-Масевска.

    „Ќе си поднесам“, искоментира првообвинетиот Јовановски.

    Натаму, тој ја праша за бугарски пријатели на нејзиниот сопруг и за извесен Перивоје. Камчева одговори негативно. Боки ѝ кажа: „Не се сеќавате на ваши куќни пријатели?“, по што доби опомена од судијката да не дава дополнителни коментари.

    „Дали ќе можете да ја опишете чантичката со 350 илјади евра што сте ми ги дале, каква беше?“, праша Боки 13.

    „Беше несесер ’ејч енд ем‘, 30 на 30 сантиметри отприлика, праска боја, поклон од свекрва ми“, одговори Камчева.

    „Дали сум добил подароци од вас и какви?“, праша Боки 13.

    Русковска приговараше: „Милион и пол евра добил поклон, зарем треба уште?“

    „Милион и пол евра не се дадени, милион и пол евра се измислени во вашата глава“, ѝ рече Јовановски на Русковска.

    Сведочењето на Ана Камчева продолжува.

    Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата. Зоран Милески-Кичеец, исто така, беше обвинет за Примање награда за противзаконито влијание, но тој го призна делото и беше осуден на три години затвор во издвоена постапка. Тројцата ги пријави Орце Камчев дека го рекетирале за да му ја олеснат положбата во истрагата „Империја“, каде што е првоосомничен.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари