МИНИСТЕРОТ ФИЛКОВ ГО ОБВИНИ СДСМ ДЕКА ЌЕ БИДЕ КРИВ АКО НЕ ДОБИЕМЕ 10 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ЕУ ЗА ПРАВОСУДНИ РЕФОРМИ, А СДСМ ОД ЛАНИ ГО ПРАШУВА КАЈ СЕ ЗАКОНИТЕ

    МИНИСТЕРОТ ФИЛКОВ ГО ОБВИНИ СДСМ ДЕКА ЌЕ БИДЕ КРИВ АКО НЕ ДОБИЕМЕ 10 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ЕУ ЗА ПРАВОСУДНИ РЕФОРМИ, А СДСМ ОД ЛАНИ ГО ПРАШУВА КАЈ СЕ ЗАКОНИТЕУште на 14 мај 2025 година на прес-конференција експратеничката од СДСМ Снежана Калеска-Ванчева реагираше дека се доцни со предвидените реформски закони. - Министерот Филков (Фото:СДК.МК)

    Откако претставници на опозициониот СДСМ не дојдоа денеска на состанокот на работната група за нов Изборен законик, министерот за правда Игор Филков ја обвини партијата дека свесно ги блокира реформите во изборното законодавство.

    Патем, го обвини СДСМ и дека ќе биде виновен дека државата нема да добие 10 милиони евра предвидени за правосудните реформи, иако социјал-демократите од лани на прес-конференции повикуваат и прашуваат што се случува со законите, зошто не се готови, зошто доцнат, зошто ништо не се работи во Министерството за правда, оти ги нема ни на енер ни во Парламент, предупредувајќи постојано дека Македонија ќе ги изгуби парите што ѝ следуваат за реформската агенда.

    „Со досегашното неодговорно однесување на СДСМ и неучеството во работната  група за реформи во изборното законодавство директно се загрозени 4.281.623 евра. А, со блокадата на Законот за јавното обвинителство во Собранието,  дополнително, 6.422.623 евра. Пари кои што и те како, може да го олеснат реформскиот процес и да ги подобрат состојбите во правосудството за секој наш граѓанин”, кажа денеска министерот Филков по одложување на состанокот на работната група.

    Министерот за правда, Игор Филков кажа дека политичките партии доставиле дополнителни забелешки и коментари на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. На маса биле и предлозите на институциите кои се вклучени во изборниот процес, а со кои во изминатиов период како Министерство за правда имавме конструктивни средби: Државната изборна комисија, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата за администрација и независните граѓански иницијативи.

    ,,Но, она што денес изостана е токму она што е најпотребно – политичка зрелост. Не може да зборуваме за фер и демократски избори, а истовремено да не учествуваме во процесот кој треба да ги обезбеди тие стандарди“, рече тој.

    Филков рече дека ова не е првпат, СДСМ вака да се однесува, бидејќи во Собранието го блокирал и клучниот реформски Закон за Јавното обвинителство, иако дел од нивните амандмани биле, како што рече, прифатени.

    Новинарите повеќе од една година на речиси секој брифинг го прашуваа и претседателот на Собранието Африм Гаши зошто ги нема клучните реформски закони, кога ќе стигнат, дали можеби нешто од клучен реформски закон стасало во Собранието а тој случајно изумил да брифира, но тој одговараше дека кога ќе стигнат законите, веднаш ќе бидат ставени на дневен ред.

    Сепак, Филков по денешното недоаѓање на претставниците на СДСМ, ја обвини партијата дека „со ваквите нивни крајно срамни и неодговорни политики, реформите се држат во заложништво на тесно партиските интереси, а европската иднина на нашите граѓани во неизвесност“.

    На 14 мај 2025 година на прес-конференција експратеничката од СДСМ Снежана Калеска-Ванчева реагираше дека се доцни со предвидените реформски закони и оти Министерството за правда ставило само 4 на ЕНЕР, што тогаш допрва требаше да ги усвои Владата.

    „Зошто министерот Филков толку го одолговлекува реформскиот процес, иако рокот е до јуни“, праша пред една година таа и го обвини Филков дека тенденциозно го минира процесот.

    Бидејќи немаше каде, партијата догаш забелешките и коментарите на тие единствени 4 драфт-верзии на закони,  ги поднесе и архивираше на ЕНЕР.

    „Ние за нив имаме сериозни забелешки но и конкретни предлози за нивно подобрување. Апелираме до министерот Филков, ако вистински се грижи за реформската агенда и тврди дека работи на ургентните законски решенија, да престане да го минира процесот и да ги достави решенијата, за кои, ја убедува јавноста дека ги изготвил“, обвини за доцнење уште пред една година СДСМ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира