МИНИСТЕРОТ МУЦУНСКИ ГО ПОЧНА МАНДАТОТ СО УЧЕСТВО НА СОСТАНОКОТ НА МИНИСТРИ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ЕУ ВО ЛУКСЕМБУРГ

    МИНИСТЕРОТ МУЦУНСКИ ГО ПОЧНА МАНДАТОТ СО УЧЕСТВО НА СОСТАНОКОТ НА МИНИСТРИ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ЕУ ВО ЛУКСЕМБУРГМуцунски е министер за надворешни работи и надворешна трговија во новата влада на премиерот Христијан Мицкоски која доцна синоќа беше изгласана во Собранието. (Фото: К. Попов)

    Новиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, мандатот го почнува со посета на Луксембург, каде ќе учествува на состанок меѓу министрите за надворешни работи на Европската Унија и земјите од Западен Балкан, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР). Муцунски е министер во новата влада на премиерот Христијан Мицкоски која доцна синоќа беше изгласана во Собранието.

    Муцунски денеска заминува на состанокот кој се одржува во рамки на Советот за надворешни работи на ЕУ, а во организација на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

    „На состанокот ќе стане збор за евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, како и модалитетите за зајакнување на соработката и присуството на ЕУ во нашиот регион. Во рамки на посетата, Муцунски ќе присуствува на аудиенција кај Големиот војвода од Луксембург, Анри, како и на работна вечера со министрите за надворешни работи на Европската унија и Западен Балкан на покана на заменик премиерот и министер за надворешни работи и надворешна трговија на Луксембург, Ксавие Бетел“, соопшти МНР.

    Од Луксембург Муцунски ќе замине во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и со високи претставници на Европската унија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира