Живко Митревски не е веќе претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Тој е сменет на седницата на Советот на 13 ноември, а за в.д. синдикален лидер е избран Дарко Димовски, соопшти денеска ССМ.
Во соопштението потпишано од Димовски, кој беше досегашен секретар на Советот, се вели дека на седницата се констатирало оти Митревски „подолг период одржува седници на Претседателството и на Советот на ССМ без потребен кворум, носи одлуки спротивни на статутот и на штета на поголемиот дел од гранските синдикати и издава имот во зградата на ССМ без одлуки на органите и телата“. Било констатирано и дека Митревски ги раскарал и поделил гранските синдикати здружени во ССМ и тие немаат комуникација меѓу себе и дека него „веќе не го гледаат како фактор кој може да биде на чело на синдикалното движење во Македонија“.
ССМ одлуката за нов претседател ја доставил до Министерството за труд и социјална политика, кое одлучи Димовски да биде запишан во Централен регистер како одговорно лице во Синдикатот и решението е доставено на 14 ноември.
„Централниот регистер непочитувајќи ги законските одредби сѐ уште ја нема извршено промената, со што му нанесува штета на севкупното членство на гранските синдикати на ССМ“, се вели во соопштението и се најавува прес конеференција на која ќе се изнесат сите документи за смената на Митревски.
Живко Митревски вчера соопшти дека поднел кривична пријава против министерката за труд и социјална политика од СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски, и против пет други лица за злоупотреба на службената положба и овластување. Според Митревски, врз основа на фалсификуван документ за донесена одлука од наводно одржана седница на Советот на ССМ, Ременски донела решение за негова смена од претседателското место.
„Ја информираме јавноста дека ниту министерот ниту претставници од Mинистерството имаат право да присуствуваат ниту, пак, присуствувале на седници на советот на ССМ и притоа да учествуваат или да влијаат на носењето одлуки кои се во исклучива надлежност на синдикатите. Истиот Живко Митревски нека се присети на 2010 година, кога во иста постапка го промени тогашниот прв синдикалец Ванчо Муратовски и наместо со решение од министерот, неговиот упис во Централен регистар е спроведен со заклучок како несоодветен правен акт во постапка за упис на одговорно лице“, изјави на тоа вчера Ременски.
Пред 10 дена, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) побара итна и неотповиклива оставка од Митревски бидејќи сметаше дека ја злоупотребил својата позиција и на своја на 10 ноември волја потпишал Меморандум со ВМРО-ДПМНЕ, без одлука на Претседателството или Советот на ССМ што е во спротивност со Статутот и Програмата на ССМ. Освен со ССМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски потпиша Меморандум и со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија за кои рече дека како досега, така и во иднина ќе му помагаат при креирањето на политиките.
Новиот мандат Митревски го доби во мај, 2015, при што новинарите и снимателите кои беа дојдени во ССМ да ја следат седницата на Советот беа дрско исфрлени од зградата на Синдикатот. Во декември, 2015 имаше неуспешен обид да биде сменет од четирите најголеми гранкови синдикати – Синдикат на индустрија, енергетика, рударство (СМЕР ), Управа правосудски органи и здруженија (УПОЗ), Синдикатот на одбраната и Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ). Во материјал кој што го имаа доставено до Министерството за труд и социјална политика тврдеа дека Мировски отворил втора сметка на која што доаѓале пари од странски организации и се сомневаа дека некој вршелел упади во самостојноста на дел од синдикатите и без одлука продавал имот на ССМ.
„Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Живко Митревски земал пари за сопствено осигурување и плус 13 илјади денари месечно за одвоен живот. Само во еден ден потрошил 100 илјади денари на една кафана бидејќи има неограничена репрезентација. Митревски без одлука на ССМ поотрошил 30 илјади евра за реновирање на сала која што не ја користи синдикатот. Внатрешноста на зградата ја опремил со видео надзор и ја озвучил. Неовластено и без соодветна одлука на ССМ, биле повлечени и 6 милиони денари од сметката на трговското друштво формирано од ССМ, Син- АГ на име добивка за 2013 и 2014 година“, стоеше во тој материјал.