МИЦКОСКИ ДОБИВА ЛОШИ НАСОКИ ОД МЕНАЏЕРОТ ОД БУДИМПЕШТА, МУ ОДГОВОРИ ДЕСКОСКА НА ЛИДЕРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ, КОЈ КАЖА ДЕКА ТАА НЕМА МЕНАЏЕРСКИ КАПАЦИТЕТИ

    МИЦКОСКИ ДОБИВА ЛОШИ НАСОКИ ОД МЕНАЏЕРОТ ОД БУДИМПЕШТА, МУ ОДГОВОРИ ДЕСКОСКА НА ЛИДЕРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ, КОЈ КАЖА ДЕКА ТАА НЕМА МЕНАЏЕРСКИ КАПАЦИТЕТИВласта и опозицијата без успех одржаа четири средби во Министерството за правда за преговори околу Законот за Јавно обвинителство. - Рената Дескоска; Христијан Мицкоски (Фото: СДК.МК)

    Министерката за правда Рената Дескоска вели дека насоките кои ги добива лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од „неговиот менаџер од Будимпешта“ се против принципите на владеење на правото, откако тој претходно кажа дека „жената за жал нема менаџерски капацитети да води едни преговори“. Власта и опозицијата без успех одржаа четири средби во Министерството за правда за преговори околу Законот за Јавно обвинителство со кој што треба да се реши иднината на Специјалното јавно обвинителство.

    „За жал, насоките кои ги добива претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Мицковски од неговиот менаџер од Будимпешта, а кои се претопени во амандмани, се против принципите на владеење на правото и правда во нашата држава“, велат од министерството на Дескоска, алудирајќи на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој е азилант во Унгарија.

    Мицкоски ја обвини министерката Дескоска дека преговара за да не се договори и предложи власта да ги прифати нивните амандмани за Законот за Јавно обвинителство.

    „Министерката преговара за да не се договори. Еве имаме амандмани на маса нека ги прифатат амандманите ако тоа е навистина услов за отпочнување преговори да одиме во Собрание и да го изгласаме новиот закон за јавното обвинителство но очигледно дека некој ниту има намера да се договори, ниту сака да се договори а ниту пак и покрај тоа што евентуално би го изгласале тој закон за јавното обвинителство Македонија би добила датум за отпочнување на преговори. Така што долгата приказна на кратко жената за жал нема менаџерски капацитети да води едни преговори“, кажа Мицкоски.

    Дескоска претходно рече дека барањата на ВМРО-ДПМНЕ, преточени во амандмани, практично значат амнестија на криминалот.

    „Услов за отпочнување на преговорите со ЕУ не е донесување на било каков Закон за Јавно обвинителство, туку квалитетен закон кој ќе овозможи право и правда и казнивост на криминалот во нашата држава“, вели Дескоска.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари