МИЦКОСКИ СТРАВУВА ДЕКА КЛУЧНИТЕ ИСТРАГИ НА СЈО СО ВЕЌЕ ОБЕЗБЕДЕНИ ДОКАЗИ ПАК ЌЕ СЕ ПАДНАТ КАЈ ЈАНЕВА И СО НОВИОТ ЗАКОН

    МИЦКОСКИ СТРАВУВА ДЕКА КЛУЧНИТЕ ИСТРАГИ НА СЈО СО ВЕЌЕ ОБЕЗБЕДЕНИ ДОКАЗИ ПАК ЌЕ СЕ ПАДНАТ КАЈ ЈАНЕВА И СО НОВИОТ ЗАКОННајголемите истраги на СЈО, како „Империја“ со Орце Камчев и Сашо Мијалков, „Пациент“ со Бујар Османи и „Моќник“ со Антонијо Милошоски треба да бидат распределени пак кај СЈО со предлог-законот за Јавно обвинителство. (Фото: СДК.МК)

    Главната работа кај што запнале преговорите за отворените истраги на Специјалното обвинителство е стравот на ВМРО-ДПМНЕ дека оние како „Скопје 2014“, „Актор“, за увозот на струја, „Дизајн“, „Моќник“, „Пропаганда“, „Империја“, „Поштенска банка“, „Пациент“… во распределбата што ќе ја прави државниот Јавен обвинител Љубомир Јовески, пак ќе се паднат кај СЈО, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од преговарачите. Не поради неговата волја, велат тие, туку поради тоа што предлог-законот точно определува кои надлежности ќе ги има Специјалното, а кои Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Оттука, постигнатиот договор меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, по формирањето на новото СЈО обвинителот Јовески да состави комисија која согласно новиот Закон за Јавно обвинителство ќе ги распредели истрагите и која да оди во Обвинителството за организиран криминал, а која во СЈО, целосно не е прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ.

    Требало претставниците на опозиската партија да достават предлог за тоа, но сѐ уште не поднеле, велат нашите извори.

    Уште еден проблем има за партијата на Христијан Мицкоски од каде има најмногу осомничени поранешни функционери. Во Закон за кривична постапка има одредба која вели: „Надлежниот обвинител кому ќе му бидат распределени истрагите, ги презема во фазата во која биле и ги продолжува“.

    Голем дел од истрагите почнати по 30 јуни 2017 година, се со обезбедени материјални докази, некои и од странски истражни органи, со сослушани сведоци и се пред обвинение. Бомбите нема да важат, но овие материјални докази важат и тие не може по ниеден закон, а ни по Уставот, да бидат фрлени, запечатени или изгорени и истраги и обвиненија да нема за нив.

    Неофицијално, се чека ВМРО-ДПМНЕ да даде предлог за корекции и за обезбедените докази, но предлог од нивна страна нема сѐ уште. Се молчи на оваа тема за време на кампањата, се чека исходот од гласањето в недела.

    Комисијата што треба да се формира во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија треба да биде составена од државниот обвинител Јовески и уште двајца обвинители.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира