Министерот за здравство Венко Филипче вели дека претсетателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски свесно лаже дека нема тестови за коронавирус и прави паника во земјава, откако тој синоќа во интервју на Канал 5, кажа дека власта не води сериозна борба против пандемијата, и дека има информации оти Министерството за здравство нема повеќе од 100 тестови во моментов.
„Добивам загрижувачки податоци дека денеска немаме повеќе од 100 до 150 тестови кои ни се на располагање“, рече Мицкоски, на што новинарот не го праша од каде му се информациите, туку кажа дека Филипче рекол дека се прават по 350 тестови.
„Се чудам со каква леснотија Христијан Мицкоски ја лаже јавноста дека сме имале тестови за само еден ден. Џабе се бориме против лажни и неточни вести, ако претседателот на најголемата опозициска партија свесно лаже и креира паника меѓу граѓаните. Бидете спокојни, тестови има и постојано се набавуваат резерви“, напиша министерот Филипче на Твитер.
Во реакцијата од Министерството за здравство стои: „Не навлегувајќи во причините за ширењето на такви информации, Министерството за здравство упатува апел да не се шири паника со пласирање на непроверени и лажни информации и уште еднаш истакнува дека тестови за утврдување на присуство на коронавирусот има доволно за да ги задоволат потребите на нашата земја. Во моментот Институтот за јавно здравје располага со 4.500 тестови, со првичната набавка неделно се надополнува количина од по 2.000 теста. Во секој момент очекуваме да стигне донација од 20.000 китови за тестирање и имаме дополнителни 5.000 теста донација од приватна лабораторија во Скопје, кои се сосема доволни за потребите според вкупниот број на население во нашата земја“.
Со бројот на направени тестирања на еден милион жители, нашата земја е меѓу првите 30-40 држави во светот со над 2.200 тестови на милион жители, велат од Министерството. Досега се извршени вкупно 4.506 тестирања, а со вклучувањето на повеќе лаборатории, бројот на тестирања дневно е помеѓу 350 и 390 и тоа во лабораториите на Институт за јавно здравје, Ветеринарниот факултет и приватните здравствени установи „Биотек“, Клиниката „Жан Митрев“ и „Авицена“.