Премиерот Христијан Мицкоски денеска телефонски му честитал на носителот на „Студентската листа“ Илија Срдановиќ за победата на предвремените парламентарни избори во Србија.
„Му честитав за постигнатиот изборен резултат и победа, и му посакав успех во периодот што следува. Верувам дека добрите меѓудржавни односи, меѓусебното почитување и соработката ќе продолжат да се развиваат во интерес на граѓаните на двете држави“, напиша Мицкоски попладнево на својот фејсбук профил.
Мицкоски синоќа, по големата победа на „Студентската листа“ и поразот на Александар Вучиќ после 14 години власт, не упати јавна честитка.
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, кој е лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, на Фејсбук се пофали со победата на Александар Вучиќ на избирачките места во Македонија.
Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче по објавување на изборните резултатите во Србија ја честиташе победата на студентите.
„Честитки до граѓаните на Србија за големата, историска победа. Како што најавивме, следува ослободување од криминалните структури на власта. Падна Орбан. Падна Вучиќ. Сите знаеме кој е следен. Очекувам Србија и Македонија да градат најдобри можни односи, засновани на меѓусебно почитување и соработка.На граѓаните на Македонија им порачувам дека нè чека борба, ни малку лесна, затоа што се бориме против остатокот од оваа криминална балканска група“, напиша Филипче на својот фејсбук профил.
Вечерва на Плоштадот Славија во Белград „Студентската листа“ организира забава за да се прослави големата победа на изборите.
Во новиот состав на на српскиот Парламент „Студентската листа“ ќе има 141 пратеник, листата на Александар Вучиќ „Обединета Србија“ ќе има 103 пратеници, а останатите шест пратенички места ги добија партиите на малцинствата.



