МИЦКОСКИ, ВАМ ВИ ОСТАНУВА ДАЛИ ЌЕ БИДЕТЕ МАРИОНЕТА НА ВАШИОТ ЛИДЕР ЗАД СЦЕНАТА, МУ КАЖА ДЕСКОСКА ОТКАКО ТОЈ ЈА ОБВИНИ ЗА КОЧЕЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СЈО

    МИЦКОСКИ, ВАМ ВИ ОСТАНУВА ДАЛИ ЌЕ БИДЕТЕ МАРИОНЕТА НА ВАШИОТ ЛИДЕР ЗАД СЦЕНАТА, МУ КАЖА ДЕСКОСКА ОТКАКО ТОЈ ЈА ОБВИНИ ЗА КОЧЕЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СЈО„Мицкоски, размислете добро уште еднаш дали вреди интересите на Вашиот лидер зад сцената да ги ставате пред интересите на граѓаните, пред исполнување на нивната потреба за правда и правичност и желбата за евроинтеграција! Времето истекува. На Вас останува каква улога ќе одиграте - улога на лидер или улога на марионета!“, му одговори министерката за правда Рената Дескоска на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека поради неа не е донесен Законот за јавно обвинителство. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за правда Рената Дескоска, по обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција дека е главна пречка за недонесување на Законот за Јавното обвинителство и решавање на статусот на СЈО, побара од него да размисли дали вреди интересите на почесниот партиски претседател, избеганиот Никола Груевски, да ги стави пред оние на граѓаните. Во фејсбук статусот, Дескоска го нарекува Мицкоски „марионета“ и „формален претседател на ВМРО-ДПМНЕ“ и вели дека избеганиот Груевски е лидер на Мицкоски.

    „Сè додека истакнуваат барања кои значат рушење на правната држава и амнестија за криминалот – тие барања нема да поминат“, пишува Дескоска и вели дека тоа не е само нејзин, туку став на СДСМ и на граѓаните.

    „Интересно, формалниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ г. Христијан Мицкоски, денес ме обвини дека јас сум пречка што Законот за Јавно обвинителство не е донесен. Лошо е ако г. Мицкоски има искривена перцепција за реалноста и не знае да ја оцени вистинската состојба на разговорите за Законот, ако не е свесен кои се црвените линии за правда и владеење на правото чие почитување го бараат граѓаните, но и меѓународната заедница. Исто така е лошо и ако е свесен за тоа, но не ја зборува вистината, па намерно шири лажни вести. Му порачувам да си погледне во сопствениот двор и да се запраша какви позиции застапува неговата партија во разговорите за законот“, напиша Дескоска на Фејсбук.

    Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека т. н. план Б за начинот на донесување на Законот за Јавното обвинителство е правно погрешен. А на прашање за изгледите да се најде решение за овој Закон, Мицкоски рече дека основната пречка за договор меѓу власта и опозицијата е министерката за правда Рената Дескоска, чија единствена цел било, како што рече, пресметка со ВМРО-ДПМНЕ.

    На прашање дали ВМРО-ДПМНЕ размислува за флексибилност во врска со црвените линии во преговорите, Мицкоски рече: „Нема компромис со правото!“

    „Неговата денешна изјава е крик на немоќ, крик на фрустрација дека вистинската намера на нивните позиции во однос на Законот за Јавно обвинителство е разобличена и дека барања за заштита на криминалот и амнестија на криминалците нема да поминат“, вели министерката Дескоска, и го повикува Мицкоски:

    „И на крајот: г. Мицкоски, размислете добро уште еднаш дали вреди интересите на Вашиот лидер зад сцената да ги ставате пред интересите на граѓаните, пред исполнување на нивната потреба за правда и правичност и желбата за евроинтеграција! Времето истекува. На Вас останува каква улога ќе одиграте – улога на лидер или улога на марионета!“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира