МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ ДО 30 ЈУНИ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВАТ ЗА ШЕСТМЕСЕЧЕН СТАЖ ВО ЗДРАВСТВЕН ДОМ, ИТНА ПОМОШ И ПАТРОНАЖНИ СЛУЖБИ

    МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ ДО 30 ЈУНИ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВАТ ЗА ШЕСТМЕСЕЧЕН СТАЖ ВО ЗДРАВСТВЕН ДОМ, ИТНА ПОМОШ И ПАТРОНАЖНИ СЛУЖБИ„На младите лекари кои ќе почнат со шестмесечен стаж ќе им обезбедиме платена работа, односно 30.000 денари месечно, а од тоа се одзема персоналниот данок на доход. Ги повикуваме сите заинтересираните доктори на медицина со лиценца за работа да се пријават на повикот“, вели министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство го продолжи рокот до 30 јуни за младите лекари да се пријават за шестмесечна работа во здравствените домови, итна медицинска помош, во вакциналните пунктови и патронажни служби, а следната недела ќе распише и оглас за ангажирање медицински сестри во патронажните служби. Јавниот повик со кој тие требаше да изразат интерес за работа во примарна здравствена заштита во здравствен дом заврши викендов, но од Министерството за здравство велат дека го продолжиле рокот за да им овозможат на сите заинтересирани да ги достават потребните документи.

    Министерот за здравство Венко Филипче повеќепати изјави дека на овој начин ќе се овозможи платена работа на младите лекари, и дека со тоа ќе ги стимулираат да останат во земјава.

    „На јавниот повик досега се пријавија 44 кандидати, а очекуваме да се пријават уште 28 кои во овој период полагаат за лиценца во Лекарска комора. На младите лекари кои ќе почнат со шестмесечен стаж ќе им обезбедиме платена работа, односно 30.000 денари месечно, а од тоа се одзема персоналниот данок на доход. Ги повикуваме сите заинтересираните доктори на медицина со лиценца за работа да се пријават на повикот“, вели Филипче.

    Тој вели дека подготвуваат и оглас за ангажирање медицински сестри во патронажните служби, кој ќе го распишат следната недела.

    Обврската младите лекари по завршување на студиите да поминат шестмесечен стаж во здравствените домови, итната медицинска помош, во вакциналните пунктови и патронажни служби произлезе од измените на Законот за здравствена заштита.

    „Согласно член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита докторите на медицина со лиценца за работа треба да поминат на работа шест месеци во примарна здравствена заштита во здравствен дом, како еден од условите за запишување на специјализација. Овој услов е задолжителен за сите доктори на медицина кои со лиценца за работа се стекнале или ќе се стекнат по 22 мај оваа година. Заинтересираните доктори на медицина треба да имаат завршена пробна работа, положен стручен испит и лиценца за работа“, велат од Министерство за здравство.

    Шестмесечниот стаж за младите лекари ќе се спроведува во здравствените домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во службите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.

    „Со стекнување искуство и со добивање шанса за работа ќе добијат дополнителен стимул за професионална надградба во својата кариера. Со овие мерки, веруваме дека ќе ги задржиме нашите лекари да работат во јавното здравство, а не да заминуваат надвор од земјата. Посветено работиме да креираме фер општество за сите млади луѓе“, велат од Министерство за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира