МНР ВО БОИТЕ НА УКРАИНСКОТО ЗНАМЕ ЗА СОЛИДАРНОСТ СО УКРАИНА

    МНР ВО БОИТЕ НА УКРАИНСКОТО ЗНАМЕ ЗА СОЛИДАРНОСТ СО УКРАИНАЈа потврдуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, кажа премиерто Ковачевски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вечерва, во знак на солидарност со Украина, зградата на македонското Министерство за надворешни работи е обоена со боите на украинското знаме. Гестот за поддршка доаѓа откако денеска Русија ја нападна Украина и руските трупи се на 7 км до главниот град Киев.

    „Ја потврдуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и упатуваме апел за итен прекин на воените дејствија и враќање на мирот“, објави на официјалниот фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски.

    Владата на денешната седница го задолжи Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет на рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година досега во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување.

    Истовремено, премиерот Ковачевски го осуди чинот на отворената воена агресија на Руската Федерација на Украина.

    „Го осудувам чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина. Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир. Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Покрај безбедносната состојба, владата одблиску ги следи и промените во светските економски текови кои се дестабилизирани од новонастанатата состојба. Владата како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните“, напиша Ковачевски на социјалните мрежи.

    Претходно, претседателот Стево Пендаровски ја осуди руската инвазија на Украина и во име на македонските граѓани изрази солидарност со украинскиот народ.

    „Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина“, соопшти Пендаровски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира