Во продолжение на слушањето на бомбите за случајот „Титаник“ на СЈО во Кривичниот суд, се слушна за серијата притисоци врз населението во Македонија, но и во дијаспората за да излезат на парламентарните избори на 5 јуни 2011 година и да гласаат за тогашната владејачка ВМРО- ДПМНЕ. Обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески бара од советничката Ирена Мишева да им организира тура на амбасадорите да одат врата до врата да бараат гласови во странство.
„После, нека ни ги дадат бројките, за да ги споредиме овде со нашите анализи за дијаспората“, нарачува Миле.
Во друг разговор, наведува фирми преку кои ќе оди плаќањето за автобуски превоз во 4 европски држави на наши иселеници до гласачките места. Соговорник натаму бара од Јанакиески некое големо ветување, макар и нереално, како што се вели, „за сељациве на митинг“.
„Мора нешто да улета големо, макар и нереално за сељациве. Брашно, производи, тоа обавезно. Не стоиме добро во струмичко“, го советува Миле соговорникот-аналитичар.
Во „Титаник“ преку бомбите се откри дека на командирите во МВР партиски наредби може да им даде кој било од министрите. Така, Јанакиески на командирот на радовишката полиција Ѓорѓи му вели:
„Ми посочија дека имате доста влијание во Конче. Имаме проблем таму со гласовите. Би ве замолил за тура од врата до врата“.
„Во ред , поздрав“, послушно му одговара командирот Ѓорѓи на министерот за транспорт Јанакиески.
С. К. ДЕЛЕВСКА