МВР ВОДИ ПОСТАПКИ ПРОТИВ СТАРЕШИНИ – СОУЧЕСНИЦИ НА ЧАВКОВ НА 27 АПРИЛ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЧЕКА НОВ ШЕФ

    МВР ВОДИ ПОСТАПКИ ПРОТИВ СТАРЕШИНИ – СОУЧЕСНИЦИ НА ЧАВКОВ НА 27 АПРИЛ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЧЕКА НОВ ШЕФДодека МВР спроведе внатрешна истрага за одговорност на полицијата до врвот за крвавите настани на 27 април и почна да дели откази по спроведени дисциплински постапки, Обвинителството се уште ги нема повикано пратениците Мукоски, Василевски и нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ, кои ја пречекаа и ја насочија толпата нагоре, за да ги нападне пратениците од СДСМ и пратеникот Зијадин Села. - Митко Чавков; Толпа влегува во Собранието покрај полицајци

    Министерството за внатрешни работи е единствената институција која досега покажа некакви резултати околу расветлување на организираниот напад врз Собранието на 27 април. Во петокот откази добиле 11-мина полицајци од Шестата управа во МВР, но САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека се водат дисциплински постапки и за старешини во МВР, кои не одговориле на уставните, законските и професионалните обврски да реагираат и да интервенираат во Собранието, со што станале соучесници на тогашниот директор за јавна безбедност Митко Чавков.

    Обвинителството засега ги открива само тепачите кои ги имаше како на безбедносните,  на медиумските камери и на приватните видеа на затекнати лица таа вечер во нападнатиот законодавен дом. Ги уапси и лицата кои извршија обид за убиство на пратеникот Зијадин Села и уште стои кај нарачателите на крвавиот настан. По поднесеното обвинение, осуден е и кубачот на Радмила Шеќеринска.

    Отказите во МВР за 27 април се поради тоа што овие полицајци не постапија на должност и дека со рацете во џеб гледаа како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги отвораат обезбедените собраниски врати. На товар им се става и дека не мрднаа со прст кога влета толпата во собраниската зграда.

    Меѓу тие што добиле отказ се и двајцата вработени од УБК, кои ги украдоа снимките од безбедносните камери, за кои автоматски се снимала копија, на друго место.

    Казни и отпуштања најверојатно ќе има уште, зашто уште 31 се суспендирани, а против 70 се водат дисциплински постапки во МВР и тие уште не се завршени. Најголемиот дел од отпуштените се припадници на Шестата управа на МВР за обезбедување на важни личности и објекти, а меѓу нив е и шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски претседател Трајко Вељаноски и шефот на собраниското обезбедување.

    „Овие дисциплински постапки не значат дефинитивна казна за тие меѓу нив што го прекршиле Кривичниот законик. Ова се постапки во делот работни односи. За евентуална истрага против нив, надлежно е Обвинителството“, велат од МВР.

    Обвинителството за организиран криминал, кое истражува организиран напад на Собранието, досега има направено само реконструкција на настанот, има повикувано пратеници од СДСМ и од ДУИ да ги дополнат првичните изјави. Сè уште ги нема  повикано пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски. Не се повикани на сослушување ни Љупчо Арнаудов, Јохан Тарчуловски, ни Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, а ни Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, кои ја пречекаа и ја насочија толпата нагоре, за да ги нападне пратениците кои не се од ДПМНЕ.

    Воопшто во Обвинителството не е повикан ни тогашниот шеф на оперативниот штаб на МВР за настаните во Собранието Митко Чавков, за кого МВР, преку комисија формирана од ексминистерот Агим Нухиу, уште пред неколку месеци утврди одговорност.

    Целата хронологија на настаните е поткрепена со изјави на припадници на МВР. Дополнително, Обвинителството слушна јавно сведочење од тогашниот министер Агим Нухиу, како Чавков не му кревал два часа на мобилен, додека полицијата одбивала негови наредби како министер, да влезе и да го исчисти Собранието од напаѓачите.

    Дека се чека нов Јавен државен обвинител за најважниот дел од истрагата за 27 април, за откривање на нарачателите, за истрага за пратениците и за Чавков, потврди денеска во изјава за Глас на Америка на македонски, кандидатот Љубомир Јовески, кој рече дека приоритет ќе му биде расветлувањето на овие настани. Според изјавата, до неговиот избор, организираниот напад на Собранието на 27 април нема да биде расветлен.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира