Судските процеси за клевета на Али Ахмети против Слободан Богоевски и Муса Џафери против Слободан Богоевски запнаа денеска кај моментот каде тужениот Богоевски ја дал изјавата со која сведочи дека високи македонски политичари, меѓу кои и Ахмети и Џафери, зеле 7,5 милиони евра поткуп од „Маѓар телеком“ преку грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас. Додека Богоевски тврди дека изјавата под заклетва и во присуство на претставници од американското судство и од тамошната Комисија за хартии од вредност, ја дал во амбасадата на САД во Скопје и поради тоа бара Основниот суд Скопје 2 да се прогласи за ненадлежен во случајов, адвокатите на Ахмети и Џафери имаат поинаква вистина. Тие тврдат дека сведочењето, кое подоцна е објавено на веб страницата на њујоршкиот суд и потоа интегрално го пренесоа повеќе медиуми во Македонија, Богоевски го дал надвор од амбасадата, во адвокатска канцеларија во Скопје, во присуство на нотар.
Судот ги задолжи тужителите Ахмети и Џафери за наредното рочиште, на 25 мај годинава, да обезбедат докази дека Богоевски изјавата за потребите за судскиот процес кој е во завршна фаза во Њујорк, и на кој Богоевски на седми мај ќе ја потврди изјавата за милионските суми мито, ја дал во адвокатска канцеларија во Скопје. Но, тужениот Богоевски останува, како што рече, на намерата да поднесе кривична пријава против Ахмети, Џафери и сите вмешани страни во постапката за клевета против него, бидејќи со оваа постапка за клевета против него станува збор за попречување на правдата.
“Тужбата за клевета за исказ даден во судска постапка не е дозволена. Воедно, според американското законодавство, а и според членот 368-а од Кривичниот законик, казниво е влијанието врз сведоци во судска постапка“, рече Богоевски.
Изјавата дека зеле мито по 2,5 милиони евра од „Маѓар телеком“ бивши и сегашни високи функционери, Богоевски рече дека му била веднаш прифатена од надлежниот суд во САД. Рече дека на седми мај тој изјавата ќе ја потврди. Очекува по седми мај да има пресуда.
Ахмети за сведочењето на Богоевски бара отштета од три, а Џафери од два и пол милиони денари за стрес, нарушување на угледот и останата нематеријална штета.
С. К. ДЕЛЕВСКА