НА 8 СЕПТЕМВРИ ЛАНИ СЕ СЛИКАА СО АКЦЕЛЕРАТОР ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ДОЈДЕ НОВ 8 СЕПТЕМВРИ, АПАРАТОТ ЗА ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТИ УШТЕ НЕ РАБОТИ

    НА 8 СЕПТЕМВРИ ЛАНИ СЕ СЛИКАА СО АКЦЕЛЕРАТОР ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ДОЈДЕ НОВ 8 СЕПТЕМВРИ, АПАРАТОТ ЗА ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТИ УШТЕ НЕ РАБОТИДиректорот Костов, тогашниот министер Сали и премиерот Ковачевски на 8 Септември 2022 го покажаа апаратот и најавија дека ќе се користи до крајот на 2022. (Фото: Министерство за здравство)

    Точно пред една година премиерот Димитар Ковачевски, тогашниот министер за здравство Беким Сали и директорот на Градската општа болница (ГОБ)„ 8 Септември“ д-р Христијан Костов се сликаа на презентација на апаратот за зрачна терапија за онколошки пациенти, а апаратот сѐ уште не се користи. Со овој апарат, како што рекоа тие тогаш, требаше да се намали притисокот врз Клиниката за онкологија, каде дневно циркулираат над 100 пациенти.

    Акцелераторот уште не е во функција.

    Од Министерството за здравство два дена не успеваме да добиеме одговор зошто акцелератотот уште не работи. Од болницата велат дека во моментов имаат кадровски проблеми што не можеле да се предвидат, но уверуваат дека акцелераторот многу скоро ќе почне да ги опслужува првите пациенти.

    Премиерот Ковачевски ја посети ГОБ „8 Септември“ на патрониот празник на болницата на Денот на независноста 8 Септември 2022 и тогаш изјави: „Со овој апарат кој се очекува да биде ставен во полна функција до крајот на годинава, значително треба да се растерети притисокот на онколошкото одделение на Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, бидејќи дури една третина од тамошните пациенти, здравствената нега и услуга ќе продолжат да ја добиваат во болницата ‘8 Септември’ на високо квалитетен акцелератор од понова генерација, ваков акцелератор нема во регионот овој е од понова генерација“, рече Ковачевски.

    Тогашниот министер Беким Сали рече дека е иницирана постапка болницата да добие дозвола за радиотерапија и онкологија за поставениот акцелератор со врвна технологија за третман на малигните заболувања.

    „Во моментот имаме испратено на обука 1 физичар и 2 РТГ техничари, а во тек на овој и наредниот месец во тек се и едукации и по нивно завршување и по завршување на постапката за набавка на опрема за позиционирање и мобилизирање на пациентите, апаратот ќе биде во полна фунциаја“, кажа тогаш Сали.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК не доби одговори од Министерството за здравстство дали е завршена обуката на здравствените работници и кога ќе се стави апаратот во функција.

    Директорот Христијан Костов ни рече дека здравствените работници од болницата ја поминале обуката во странство бидејќи станува збор за акцелератор кој е прв од таков вид во земјава, дека во моментов се на дообука на Клиниката за онкологија и радиотерапија, но и дека периодов се соочува со административни проблеми на кадарот кои менаџментот на болницата не можел да ги предвиди. „Во тек е конкурс за ново вработување на стручно медицинско лице кое ќе работи со апаратот“, вели Костов и додава дека очекува наскоро првите пациенти кои се со полесна клиничка слика да се преупатуваат од Клиниката за онкологија во „8 Септември“, а постепено да профункционира и дневна амбуланта на онколошко одделение.

    „Радио Слободна Европа“ во март 2021 објави истражување  според кое „милионска опрема за третман на рак со години фаќа прашина во магацин“. За време на мандатот на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров беа набавени четири линеарни акцелератори. Еден за  „8 Септември“, кој свечено беше пуштен во употреба во 2019 година, четири години откако беше купен. Вториот беше наменет за државната Клиника за онкологија и беше поставен во 2015 година, две години по неговата набавка.

    Прашањето со проблемите на онколошките пациенти во земјава се актуелизираше минатиот петок, кога Jaвното обвинителство отвори предистражна постапка за криминална бизнис-мрежа за препродавање скапа биолошка терапија за лекување на болните од рак на онколошката клиника.

    Директорката на Клиниката, д-р Виолета Клисаровска на прес-конференција по скандалот, на 4 септември, одговарајќи на новинарско прашање зошто има големи гужви кај нив,  рече дека нивната  институција е единствена јавна здравствена установа која го носи товарот и дека и кадровски и просторно и финансиски не можат во целост да одговорат на потребите, особено што има зголемен број пациенти заболени од канцер.

    „Сакам и вредно е да ја спомнам и радиотерапијата не помалку основен тераписки модалитет во нашата клиника, а секако и онколошкиот дел. Забележано е дека од 2017 година наваму ние имаме значајно зголемување на бројот на пациенти во нашата институција и оваа година ќе го срушиме рекордот од над 5.000 нови пациенти, тенденцијата е така, за нови пациенти во годината, односно вкупно прегледи, бидејќи и претходните постоечки пациенти доаѓаат на прегледи, се реализираат вкупно прегледи некаде околу 90 илјади и повеќе годишно. Среќна сум како лекар да кажам дека таа иновативна медицина, тие нови лекови коишто и кај нас ги има околу 30-ина овозможуваат продолжување на преживувањето на пациентите и горди сме на тоа, но таа инциденца, преваленца нас значајно ни го зголемува од ден во ден квантитетот во работењето. Тука треба да се разгледа прашањето и тоа со министерот сме го разговарале за евентуално барем во дел каде што се оспособени кадри да имаме некаква дисперзија на пациентите, зашто навистина со огромен квантитет кој и да менаџира, квалитетот се губи, тоа мора да ми го признаете и вие. Затоа кај нас и ‘Мој термин’ не може да постои. По стотици пациенти секојдневно поминуваат. Имаме евалуација и по специјалист колку прегледи се вршат годишно. Невозможно е, верувајте ми, без да причекаат, не може никако да се постигне“, рече Клисаровска на 4 септември.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира