И НА БЕТИ ПАСОШОТ Ѝ ОСТАНУВА ВО СУД, ОДБИЕНО БАРАЊЕТО НА СЈО ДА БИДЕ ПРИТВОРЕНА

    И НА БЕТИ ПАСОШОТ Ѝ ОСТАНУВА ВО СУД, ОДБИЕНО БАРАЊЕТО НА СЈО ДА БИДЕ ПРИТВОРЕНАПоранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска на вчерашната јавна седница на Апелациониот суд (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје одлучи присуството на ексминистерката за култура Елизабета Канческа Милевска за судењето за случајот „Тендери“ на СЈО да биде обезбедено со тоа што ќе ѝ биде задржан пасошот, да мора да остане во Македонија и да се елиминира опасноста од бегство. Судот ја одби жалбата на Специјалното обвинителство кое што бараше најстрога мерка за обезбедување присуство за неа – притвор.

    Со тоа Канческа Милевска се придружува кон Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Тони Трајковски и останатите високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ обвинети од СЈО за криминал од прислушуваните разговори, за кои нема притвор, туку само одземање на пасошите.

    Во речиси сите жалби каде СЈО бараше притвор, акцентираше на јавните седници пред тричлениот совет во Апелациониот суд дека најстрогата мерка ја бара најмногу поради опасност од влијание на обвинетите кои се соголема политичка моќ, врз сведоците во постапката. Според она што го образлагаа обвинителите од СЈО, освен за неколку обвинети кај кои на прво место беше ставена опасноста од бегство, кај повеќето беше истакнато дека може да влијаат врз сведоците да ги сменат своите искази дадени во истрагата и на главната расправа тие искази да бидат неупотребливи за страната што обвинува.

    Од сите случаи по жалба пред Апелациониот суд Скопје, паднаа само 3 одлуки за притвор, и тоа за „Таргет“ и „Тврдина“, против Грујовски, Јакимовски и Бошковски од УБК и од Петтата управа во МВР, кои за разлика од сите останати обвинети гражани досега, не беа веднаш притворени и добија право од Апелациониот суд да се жалат на нивните одлуки до Врховниот суд.
    Врховниот суд за притворите треба да одлучи денеска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира