Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не беше во земјава за време на посетата на специјалниот пратеник на германското министерство за надворешни работи Јоханес Хајндл, кој за разрешување на политичката криза одново разговараше со партиите-потписнички на Пржинскиот договор и со претставници на меѓународната заедница. Еден од потписниците на Пржинскиот договор е токму Груевски. Хајндл е специјален пратеник на сојузниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штаjнмаер за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека во време на посетата на Хајндл нивниот лидер со семејството бил на свадба кај пријател во Италија.
Но на Груевски не му е првпат да избегнува средби со високи германски политичари.
Вестервеле сакал да разговара со Груевски, но од кабинетот на премиерот не можеле да најдат слободен термин поради претходно закажани обврски. Во македонската јавност ова избегнување на средба беше примено со голема скепса и чудење, особено што Груевски својата меѓународна промоција како премиер ја имаше во Берлин, веднаш по победата во 2006 година, кога домаќин му беше канцеларката Ангела Меркел. Исто така, избегнувањето на средбата беше исклучок од вообичаената пракса на Груевски кој дотогаш не пропуштал да ги сретне министрите за надворешни работи и други високи функционери од ЕУ и од регионот. Посетата на Вестревеле пак, беше во пресрет на на Самитот на Европскиот совет во јуни, 2013 година.
Портпаролот на Владата Александар Ѓеоргиев тогаш изјави дека Груевски се слушнал преку телефон со Вестервеле и разговарале за повеќе теми од заеднички интерес, меѓу кои и предизвиците со кои се соочува Република Македонија, а во контекст на европските и евроатлантски интеграции.
По средбата со колегата министер за надврешни работи Никола Попоски, Вестервеле изјави :”Не кријам дека сум загрижен за моменталната криза во земјава и енергично порачувам да се почитуваат правилата на демократската и парламентарна игра. Мора да воспоставите средени односи, оти тоа е од ваш национален интерес. Мора да се покаже флексибилност од сите страни за заеднички дијалог и да се демонстрира мерката на компромиси”.
Три години пред несудената средба со германскиот министер за надворешни работи, во мај, 2010 Груевски како премиер имаше слична епизода со помошник-државниот секретар Филип Гордон, кој беше дојден во Македонија, а македонскиот премиер не беше тука, па на крај сепак се сретнаа во Загреб. Според тогашното официјално објаснување од владата, авионот на Груевски, кој беше во работна посета на Рабат, Мароко, не можел да полета поради вулканска прашина, а кога сепак полетал, тој место за Скопје заминал за Загреб на неформална средба на лидерите од регионот. Но Гордон од Скопје си замина ден порано и успеа во Загреб да се сретне со Груевски.