НА КЛИНИКИТЕ ЗА КАРДИОЛОГИЈА И НЕВРОЛОГИЈА Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО ПОСТКОВИД СИМПТОМИ

    НА КЛИНИКИТЕ ЗА КАРДИОЛОГИЈА И НЕВРОЛОГИЈА Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО ПОСТКОВИД СИМПТОМИВакцинираните поретко имаат долг ковид и поретко ги имаат оние симптоми кои им го отежнуваат животот после прележана болест. (Фото: СДК.МК)

    Во моментот кога сегашната епидемиолошка состојба во државата е многу подобрена, здравствените установи бележат зголемен број пациенти кои се жалат на здравствени проблеми што лекарите ги поврзуваат со последиците од прележан ковид-19. Овие постковид симптоми може да траат и со месеци, па и со години после прележаната зараза. Најчесто се присутни кардиоваскуларните проблеми, но исто така се забележуваат и невролошки проблеми кај лицата коишто прележале коронавирус.

    „На Универзитетската клиника за кардиологија бележиме значајно поголем број пациенти во однос на пред ковид периодот. Пациентите најчесто доаѓаат поради симптоми на замор, омалаксаност, градна болка, отежнато дишење или срцебиење и неправилна срцева работа. Како постковид симптоми најчести се дилатативната кардиомиопатија, лева и десна срцева слабост, аритмиите, венските тромбоеболизми и воспалителните промени на срцето кои се многу почести во однос на предковид пандемијата. Во амбулантите на Кардиологија има многу зголемен број на пациенти поради овие симптоми. На дневна основа, само за амбулантски прегледи доаѓаат и по 400 пациенти, а освен ова се прават и над 150 кардиографски прегледи“, вели д-р Валентина Андова, специјалист-кардиолог од Клиниката за кардиологија.

    Слична е состојбата и на Клиниката за неврологија, од каде велат дека е зголемен бројот на пациенти кои се јавуваат за преглед и се жалат на сериозни невролошки болести.

    „Во врска со ковидот се појавија и невролошки симптоми, а пациентите најмногу се жалат на главоболки, вртоглавица, мијалгија, се јавуваат промени во когнитивното функционирање, провокација на епилептични напади, се јавуваат и промени во функционирањето на централниот нервен систем, деменции, промени во функционирањето на периферниот нервен систем. Ние веруваме дека овие имунолошки постковид болести ќе ги имаме зачестено, бидејќи ковидот покажа една невротропност, покажа дека ја менува хомеостазата, создава зголемена тромбоза, зголемување на мозочните удари, а исто така го менува и имунолошниот одговор, па тој наместо против вирусот се свртува против сопствениот нервен систем“, вели д-р Гордана Китева-Тренчевска, специјалист-невролог и научен соработник.

    Во ваква постковид состојба во која се наоѓаме важно е местото на здравствениот систем во државата која сега треба да преземе активности за запознавање на населението и за здравствените проблеми кои се јавуваат кај овие постковид состојби.

    „Сите сериозни научни студии зборуваат дека оние лица кои се вакцинирани поретко имаат долг ковид и поретко ги имаат оние симптоми кои им го отежнуваат животот после прележаната зараза. Меѓу главните фактори кои можат да доведат со долготреан ковид се возраста, односно повозрасните лица почесто имаат долг ковид, лицата од женски пол исто така се поподложни на ова и секако невакцинираните лица. И во светот и кај нас се уште се разработуваат стратегиите за рано откривање на болеста, бидејќи во моментов не постои еден единствен тест, или серија тестови кои со сигурност може да потврдат дека се работи за ковид. Наше е да апелираме да се мисли на постковид состојби кога имаме некои од наведените симптоми. Затоа, добро е на национално ниво да имаме регистер и стратегија за справување, но следејќи ги светските искуства и за ова ќе треба да помине многу време“, вели на д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.

    Средбата беше во рамките на проектот за важноста на вакцинирењето на граѓаните на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во соработка со УНИЦЕФ.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира