НА ОВИЕ ИЗБОРИ НАРОДОТ НЕ ТРЕБА ДА АПСТИНИРА КАКО НА РЕФЕРЕНДУМОТ, КАЖА МИЦКОСКИ НА КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ

    НА ОВИЕ ИЗБОРИ НАРОДОТ НЕ ТРЕБА ДА АПСТИНИРА КАКО НА РЕФЕРЕНДУМОТ, КАЖА МИЦКОСКИ НА КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТКонвенцијата во Струга под слоганот „За честита Македонија“ започна со обраќање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој пред делегатите кажа дека нивниот кандидат ќе биде победник на изборите и ќе биде идниот претседател на државата.(Фото: Ѓ.Личовски)

    ВМРО-ДПМНЕ денеска на конвенција во Струга го избира кандидатот за претседател за претстојните претседателски избори.

    Кандидатот ќе се избере меѓу деветте пријавени на партискиот оглас, Никита Шекутковски – професор, Ѓорѓи Манасков – претседател на Стопанска комора за енергетика, Васко Костов – фармацевт, Влатко Ѓорчев – пратеник, Гордана Силјановска – професор, Илија Димовски – професор во пензија, Филип Петровски – ексдиректор на Архив, Горан Ангелов – директор на „Дрисла“ и Сашо Кутлешовски – професор. Се проценува дека најголеми шанси меѓу членство имаат професорката Гордана Силјановска и пратеникот Влатко Ѓорчев.

    Професорката Гордана Силјановска, е меѓу деветте кандидати за претседател. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Конвенцијата во Струга под слоганот „За честита Македонија“ започна со обраќање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој пред делегатите кажа дека нивниот кандидат ќе биде победник на изборите и ќе биде идниот претседател на државата. Мицковски во говорот ниту еднаш не го спомена новото име, Република Северна Македонија, туку во обраќањето говореше Република Македонија.

    „Да ја почнеме финалната битка за одбрана на нашата држава од оваа власт. Денеска ќе го избереме идниот претседател на Република Македонија. Личност која ќе го слуша гласот на народот, ќе биде претседател на сите граѓани. Овие избори не се како изјаснувањето на референдумот за Договорот од Преспа, кога народот апстинираше. Сега треба да се излезе на избори, за да се избере вистинскиот човек, кој ќе биде разумот на граѓаните“, рече Мицкоски.

    Тој во својот говор ги критикуваше политиките на власта предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев. Рече дека овие избори за нив ќе бидат жолт картон и дека намерно избегале од предвремени парламентарни избори оти знаеле дека ќе бидат поразени. Мицкоски ги спомена членовите и пратенците кои беа исклучени од партијата и гласаа за Договорот од Преспа, нарекувајќи ги поданици за Заев, спонзорирани од власта за да работат на раздор во партијата.

    Претседателските кандидати на ВМРО-ДПМНЕ го слушаат говорот на лидерот Христијан Мицкоски.(Фото: Ѓ.Личовски)

    После говорот на Мицкоски пред делегатите еден по еден почнаа да се обраќаат деветте кандидати за партиски кандидат за претседател. Потоа ќе следи гласањето и изборот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател.

    На конвенцијата право на глас за избор на претседателскиот кандидат ќе имаат 551 делегат. За да се избере кандидатот на партијата во првиот круг тој треба да освои 1/3 од гласовите на делегатите, односно за него да гласаат најмалку 184 партиски членови. Ако ниту еден од деветте кандидати во првиот круг го нема потребниот број гласови, тогаш истата вечер ќе се одржи втор круг гласање, во кое ќе учествуваат двајцата кандидати со најмногу гласови.

    Претседателските избори ќе се одржат на 21 април, а вториот круг на 5 мај.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира