НА ПРИТВОРЕНИОТ ПАНЧЕВСКИ ЌЕ МУ СЕ СУДИ ЗА ДЕЛЕЊЕТО СУДСКИ ПРЕДМЕТИ, А СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ВО 2017 ЗАБЕЛЕЖА И МАНИПУЛАЦИИ СО НАЗНАЧУВАЊЕТО СУДИИ ДОДЕКА ТОЈ БЕШЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУД

    НА ПРИТВОРЕНИОТ ПАНЧЕВСКИ ЌЕ МУ СЕ СУДИ ЗА ДЕЛЕЊЕТО СУДСКИ ПРЕДМЕТИ, А СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ВО 2017 ЗАБЕЛЕЖА И МАНИПУЛАЦИИ СО НАЗНАЧУВАЊЕТО СУДИИ ДОДЕКА ТОЈ БЕШЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУДИстрагата Скопското обвинителство против Панчевски ја почна уште во септември 2018 година и за да ги обезбеди доказите за местење на судски предмети кај подобни судии, двајцата обвинители мораа да ги прелистаат сите предмети што ги распределил кај судии (Фото:СДК.МК)

    За поранешниот претседател на Основниот кривичен суд Скопје Владимир Панчевски, кој од денеска напладне е во 30-дневен притвор во Шутка, Скопското јавно обвинителство отвори истрага уште од септември 2018 година, откако претходно и Стејт Департментот во извештајот за човекови слободи и права цитираше сведочења на судии од овој суд, кои наведуваа точно како тогашниот претседател политички манипулирал со предметите, со местење на подобни судии првенствено на предметите на СЈО, кај што се обвинети највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

    По долга опсежна истрага во која двајца обвинители ги прелистувале сите предмети во периодот додека Панчевски го менаџирал најголемиот суд, сосе тие од одделот за организиран криминал, лани на 8 јули поднесе обвинение против него за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Судската постапка се води во Основниот суд Велес.

    Но, Велешкиот суд цела година не успеа да го најде и да му врачи покана на обвинетиот, поради што завчера побара од МВР да се распише потерница по него, за да се обезбеди неговото присуство на наредното судско рочиште закажано за девет дена, на 24 јули.

    „Иако бил должен да ја следи состојбата на управувањето со движењето на предметите во судот, а особено формирањето на предметите, предавањето на предметите во работа и состојбите со функционирањето на автоматизираниот информатички систем за управување со судските предмети, обвинетиот како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Имено, обвинетиот со ставање на писмен ‘параф’ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси“, се вели во обвинението.

    Обвинителството утврдило дека обвинетиот Панчевски во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на кривичното дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, со пречекорување на границите на своето службено овластување.

    „Во текот на временскиот период кој е детално истражен од страна на надлежниот обвинител, беше констатирано дека со давање на писмен ‘параф’, обвинетиот наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од Основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, ќе докажува на судење Обвинителството.

    „Во текот на годината, извесен број судии јавно изразија загриженост дека политичките манипулации со назначувањата во судството станале уште побезобѕирни, посебно во случаите на Специјалното јавно обвинителство“, наведе Стејт Департментот уште во Извештајот во 2017 година во делот за состојбите во Македонија за претходната година кога Панчевски уште беше претседател.

    Во извештајот имаше забелешки од професионален аспект, т.е. дека на крајот на април, претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски назначи двајца нови судии во Одделот на судот за организиран криминал и корупција во, како што многумина политички и правни аналитичари опишаа, сомнителни околности, бидејќи ниту еден од нив немал доволно стаж на судската клупа или судско искуство за да се оправда нивното назначување. На двајцата судии им беа доделени случаи на СЈО, кое безуспешно тогаш бараше нивно изземање поради воочливи судири на интереси.

    Панчевски во април 2016 за судијки на претходна постапка во организиран криминал ја постави Александра Поп Стефанија, судијка од Неготино, делегирана да суди прекршоци во Скопје и младата судијка Елена Илиевска – Јосифовиќ. Обете судијки во организиран криминал беа со вкупен стаж од по само пет години, сосе нивните породилни отсуства.

    Сопруг на Поп Стефанија е Сашо Јанев, поранешен член на Комисијата за лустрација и поранешен секретар на Општина Неготино и на ВМРО – ДПМНЕ од Неготино. Во Комисијата за лустрација бил избран во последниот состав од 2014 година. Таа имаше релации и со поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов, кој и е зет за братучетка.

    Илиевска – Јосифовиќ, пак, за судија била избрана во 2011 година и тогаш немаше ниту 5 години судиско искуство. Нејзиниот сопруг е близок на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, за што сведочат јавно објавени фотографии од партиските митинзи. Таа е семејно поврзана со еден од најблиските соработници на познат бизнисмен близок на власта кој се споменува и во бомбите, а кој во предистражна постапка минатото лето беше повикан на распит во Специјалното јавно обвинителство. Тој е нејзин девер и сега е осомничен во „Империја“.

    Во извештајот на Стејт департментот беше наведен и случајот со судијката Лидија Тупанчевска-Петровска, која поради едно озборување фатено од колешка во прислушуваните разговори стана позната како таканаречената „сваровски судијка“. Таа долго време не го пушташе да мрдне од мртва точка судењето против сега избеганиот Горан Груејевски, началник на Петтата управа во МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира