Со паролите: „Ни се гади од партиската некрофилија! Ни се гади од лажните сочувства! Џандари-убијци, не враќате кај мажите што не тепаат! Ниту една повеќе!“, извикувани од неколку стотини граѓани кои учествуваа на протестниот марш, вечерва ечеше Скопје на релација Парк Жена борец – МВР.
Со пораката „Ниту една повеќе“, демонстрантите побараа конкретни институционални мерки, донесување на законите за заштита од насилство и строго санкционирање на фемицидот. Атмосферата на момент зовре пред Министерството, зашто шпалир полицајци без штитови, не дозволуваа толпата да дојде до влезот на министерската зграда.
Потоа на улицата дел од демонстрантите истураа земја. Беше импровизиран гроб во име на сите убиени жени, жртви на фемицид.
Претходно пред Собранието демонстрантите ги потсетија пратениците дека уште во април годинава била формирана работна група за подготовка на осум законски решенија, но тие сè уште не се донесени.
„Рокот ви е до 10 декември – Денот на човековите права, славиме пред Собранието и не дозволувајте пратениците да бидат блокирани внатре“, рекоа активистите.
С. К. ДЕЛЕВСКА





