НА КОСОВСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА ВЈОСА ОСМАНИ НЕ Ѝ Е ПРВПАТ ДА НЕ САКА ДА ПОМИНЕ НИЗ БЕЗБЕДНОСНА ПРОВЕРКА НА КОМЕРЦИЈАЛЕН ЛЕТ, НЕЈЗИНОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛО НА ВРАБОТЕНИТЕ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ ДЕКА ЌЕ ГИ ИЗБРКААТ ОД РАБОТА

    НА КОСОВСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА ВЈОСА ОСМАНИ НЕ Ѝ Е ПРВПАТ ДА НЕ САКА ДА ПОМИНЕ НИЗ БЕЗБЕДНОСНА ПРОВЕРКА НА КОМЕРЦИЈАЛЕН ЛЕТ, НЕЈЗИНОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛО НА ВРАБОТЕНИТЕ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ ДЕКА ЌЕ ГИ ИЗБРКААТ ОД РАБОТАДосега, кога Османи летала со комерцијален лет на „Туркиш ерлајнс“ и „Аустријан ерлајнс“ не ѝ било дозволено да биде изземена од граничната контрола. (Фото: СДК.МК)

    На косовската претседателка Вјоса Османи не ѝ е првпат да направи инцидент на Меѓународниот аеродром Скопје како оној на 1 август, кога при патување со комерцијален лет одбила да го предаде приватниот телефон и рачниот багаж на безбедносна контрола на скенер пред влез во авионот, велат аеродромски извори кои се вклучени во безбедносните процедури во авиосообраќајот, но не се овластени да коментираат.

    Слични инциденти имало и кога летала со комерцијални летови  на „Туркиш ерлајнс“ и „Аустријан ерлајнс“, но тогаш не ѝ било дозволено да биде изземена од граничната контрола, затоа што овие компании имаат свои претставници на аеродромот кои се грижат стриктно и без исклучок да се почитуваат законските процедури. Во една прилика, дури авион на „Туркиш ерлајнс“ на редовна линија за Истанбул доцнел час и пол, бидејќи обезбедувањeто на Вјоса Османи се карало со претавникот на авиокомпанијата кој не дозволил авионот да полета без контрола според меѓународните воздухопловни стандарди за цивилен соообраќај.

    На 1 август, Османи летала со „Виз ер“ за Љубљана. Унгарската нискобуџетна компанија нема свој претставник на аеродромот, но обезбедувањето на операторот на скопскиот аеродром ТАВ инсистирало таа да го почитува законот и нејзиниот телефон и рачен багаж да помине низ скенер, па нејзините телохранители предизвикале инцидент.

    Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР): „Едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер. По половина час, дошло лице – полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши со уште две лица (полициски службеници) и почнал да им се заканува на вработените во ТАВ, да бара кој ѝ направил проблем на претседателката Османи. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“.

    „Кога се лета со комерцијална линија секој патник, меѓу кои и шефови на држави, мора да помине низ ‘контрадиверзиона заштита’, бидејќи шефот на држава не лета сам, туку со над 100 други патници во авионот, а контролата е за безбедноста на сите патници и на екипажот кои се на тој комерцијална лет. Секое досегашно македонско државно раководство, секогаш кога лета со комерцијален лет никогаш не направило никаков проблем за безбедносната контрола, зашто се почитува законот. Со секое полетување обезбедувањето на аеродромот им гарантира на компаниите дека нивните екипажи и сите патници се проверени и се безбедни. Шефови на држави не поминуваат низ безбедносна контрола само кога летаат со владини авиони, но тогаш се сами одговорни за безбедноста“, велат нашите аеродромски извори.

    Овие извори велат дека претставници на косовската амбасада и други пати им се заканувале на вработените на обезбедувањето на ТАВ Македонија дека ќе летаат од работа зашто не ја пропуштале Османи без минување низ скенер.

    ТАВ Македонија вчера категорично ги отфрли наводите дека нивниот вработен од Одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на претседателката Османи.

    „Телефонот ѝ беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот“, посочуваат од ТАВ Македонија.

    Нагласуваат дека Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи.

    „Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури, потенцираат од ТАВ Македонија.

    По инцидентот на 1 август, министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, соопшти дека МНР на Косово упатило протестна нота до Македонија. Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово нагласува дека претседателката Османи била соочена со „несоодветен и незаконски третман од страна на персоналот за обезбедување на аеродромот“. Гервала соопшти дека веднаш по инцидентот се сретнала со македонскиот амбасадор во Косово како и со македонскиот вицепремиер Арбен Фетаи, а телефонски се слушнала и со миистерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

    Македонското МНР вчера изрази „жалење за недоразбирањата“ и напомена дека Министерството веќе побарло информации од сите надлежни институции.

    „Откако ќе биде направена соодветна анализа на прибраните податоци во непосредна соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе бидат преземени сите потребни активности и мерки, а со основна цел во иднина да се избегнат вакви или слични појави и ситуации“, соопшти МНР.

    Денеска и Претседателството на Косово изрази „огорченост поради неприфатливите изјави“ на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Македонија и вели дека според меѓународната пракса и Виенската конвенција за дипломатски односи, кога патуваат шефовите на држави, тие се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети, како и дека македонската страна била официјално информирана пред патувањето на претседателката, во согласност со дипломатската практика.

    Нашите аеродромски извори велат дека Виенската конвенција за дипломатски односи на која се повикува косовското претседателство, всушност се однесува само на дипломатска пошта која се носи во специјално куферче кое не се проверува, меѓутоа веќе сè поголем број компании низ скенер ја поминуваат и дипломатската пошта.

    „После терористичките напади во САД во 2001, во целиот свет се зајакнати сите безбедосни процедури. На пример, пред 2001 оружјето што го носи придружбата за обезбедување на шефот на држава било предавано кај капетанот на авионот, а по 2001 и оружјето се предава во специјална кутија и се пренесува како багаж, не се внесува во авионската кабина“, велат аеродромските извори и додаваат дека на Скопскиот аеродром досега немаат направено проблем ниту амбасадори кои патуваат со телохранители, а кои ретко и го користат ВИП салонот.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира