Последните десетина години најдобрите деца ни одат, и тоа е нешто што не можеме да го надоместиме, рече денеска академик Александар Димовски, кој го води Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на промоција на новата апаратура за генетско испитување во МАНУ, како и на имплементацијата на проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика и протеомика“.
Говорејќи на настанот на кој беа и премиерот Димитар Ковачевски и министрите за здравство и за образование, Фатмир Меџити и Јетон Шаќири, академик Димовски кажа дека државата треба да ја стави науката како најврвен приоритет, и дека смета оти вложување во вистинско, квалитетно образование и наука е една од можнностите за задржување на најдобрите научници дома.
Минатата недела, Министерството за образование и наука (МОН), објавувајќи ги резултатите од ПИСА 2022, соопшти поразителни резултати, дека од 81 држава, учениците од Македонија се на 71. место по јазична писменост, а на 61. место со знаење по математика. По природни науки нашите ученици се на 68. место во Европа.
- МАКЕДОНИЈА ИТНО МОРА ДА ГИ ЗГОЛЕМИ ВЛОЖУВАЊАТА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО, КАЖА УНИЦЕФ ПО ПОРАЗИТЕЛНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ОД ПИСА ТЕСТИРАЊЕТО НА УЧЕНИЦИТЕ
- МАКЕДОНСКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ СЕ НА 71. ОД 81. МЕСТО ПО ПИСМЕНОСТ, СПОРЕД ПИСА ТЕСТОТ
„Јас сум во некои форуми, во Комисија на Министерството подолго време и цело време се залагам за тоа што го зборуваат сите, дека се стремиме да стигнеме до она што Европа го има како издвојување за наука или, околу 3 отсто од БДП, а ние за жал сме сме многу, многу под тоа. Имаше идеја, ветувања, од сите има добра волја меѓутоа кога ќе дојде време за вистинско издвојување , секогаш е науката она, трето прасе, последно, од кое најлесно се зема. Јас сум длабоко убеден, без вложување во наука нема знаење, без знаење нема напред. Сѐ друго е само шлаг на торта, без темели. И заради тоа мислам дека вложување во науката мора да има и тоа многу да има многу повеќе од тоа што го имавме досега“, кажа академик Димовски.
Тој додаде имаше многу стратегии, многу идеи, но верува дека ќе се покрене некоја иницијатива, да се направи нешто да се договорат сите што се чинители. Верува дека МАНУ е спремна да покрене една таква иницијатива, да координира една таква иницијатива, да се направи еден план за следни 5, 10, 15 години каде ќе одиме.
„И која било Влада да дојде утре, да се држи до тоа за да мрднеме малку напред. Ние сега пливаме, најголем дел од луѓето што работат наука се свртени кон апликација за преживување. Овие проекти многу ни помагаат, меѓутоа се далеку од она што ни треба и што би требало да го имаме, што би сакале да го имаме за навистина да тргнеме напред. Најмногу е за знаење, а второ е за децата. Сите имаме деца или внуци или имате пријатели , ако имаат каде овде да работат, и вистински да се едуцираат и со тоа пристојно да живеат, верувајте нема да си одат надвор. Бидејќи работат, прекрасни деца се. Ама немаат опција и прво што гледаат за надвор. За жал ги губиме. Последните десетина години најдобрите деца ни одат. И тоа е нешто што не можеме да го надоместиме“, потенцираше академик Димовски.
За опремата која беше денеска промовирана, кажа дека има три цели: научно-истражувачка во областа на молекуларната медицина, а главно тоа се однесува на наследни, генетски болести кои сега по ново се именувани како ретки заболувања, но и останати заболувања, како малигните и инфективните заболувања.
Второ е примена на тие сознанија во секојдневната клиничка пракса. Ова е централна лабораторија каде што се прави целата дијагностика на ретките заболувања. Трето е едукација на кадар.
„Новата опрема ќе ни овозможи да го задржиме она ниво коешто го имаме, да бидеме блиску до центар на извонредност, да бидеме вистински репрезент на науката во Македонија во регионот и во Европа и да го задржиме нивото на квалитет на дијагностика на генетските заболувања. Мора да се продолжи со вакви и со многу поголеми инвестирања во науката. Како мала и сиромашна земја, ние друго немаме избор, освен да инвестираме во знаење, да станеме општество базирано на знаење на тој начин да овозможиме, да создадме услови да си ги задржиме децата овде, да створиме услови на добра, убава, позитивна работа во којашто ќе можат да работат нешто што би работеле каде било во Европа. Второ, да создадме услови на луѓе коишто ќе можат да го кренат нивото на знаење и практицирање на било која професија посебно од оваа област“, рече академик Димовски.
Б. НЕСТОРОСКА