НАЈОСТРО САНКЦИОНИРАЊЕ НА ВРАБОТЕНАТА ВО ДОМОТ ВО БИТОЛА КОЈА ПИЈАНА ГО ВРЗА ДЕТЕТО ВО ВРЕЌА ЗА СПИЕЊЕ ЗА КРЕВEТ, БАРА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    НАЈОСТРО САНКЦИОНИРАЊЕ НА ВРАБОТЕНАТА ВО ДОМОТ ВО БИТОЛА КОЈА ПИЈАНА ГО ВРЗА ДЕТЕТО ВО ВРЕЌА ЗА СПИЕЊЕ ЗА КРЕВEТ, БАРА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛОмбудсманот укажува дека особено треба да се зајакнат критериумите, но и да се води грижа за начинот на селекција на вработените во установи за згрижување деца и лица со попреченост; - Малиот групен дом во Битола е отворен во 2018. (Фото: СДК.МК)

    Народниот правобранител очекува од Министерство за труд и социјална политика да преземе мерки за најстрого санкционирање на вработената во малиот групен дом во Битола, која во алкохолизирана состојба несоодветно се грижела за 6-годишно дете со посебни потреби. Омбудсманот Насер Зибери соопшти дека по сопствена иницијатива, а по добиени сознанија од медиумите, за правилно утврдување на фактичката состојба и кои мерки се преземени за вработената, на седми јуни извршиле непосреден увид во установата.

    „Притоа, во разговор со директорот и правникот, како и увид во целокупната документација изготвена за настанот, наводите се потврдени, констатирано е дека вработената била во алкохолизирана состојба и дека едно од децата било во вреќа за спиење, која била врзана за кревет, со што било оневозможено да се движи. Според тоа, од страна на раководството на установата преземени се соодветни дејствија и отпочнати се постапки кон вработената, поради таквото постапување“, соопштија Народниот правобранител.

    Омбудсманот укажува дека особено треба да се зајакнат критериумите, но и да се води грижа за начинот на селекција на лицата кои се вработуваат во установи и други форми на згрижување на деца и деца/лица со попреченост, со оглед дека поради нивната возраст, или попреченост тие не се во состојба да го препознаат или пријават несоодветниот третман од оние кои се одговорни за давање грижа.

    Исто така, укажува дека е потребно редовно да се контролира и мониторира квалитетот на услугата која ја даваат вработените во јавните установи, континуирано да се усовршуваат нивните знаења и познавања за работа и грижа за децата, како и да се превенира какво било несоодветно однесување кое може да остави негативни последици во нивниот понатамошен раст и развој.

    Обудсманот посочува дека со ваквиот однос на вработената се повредени повеќе членови од ратификуваните меѓународни конвенции. Според член 3 од Конвенцијата за правата на детето, сите активности без оглед дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, се обврзуваат на детето да му обезбедат заштита и грижа кои се неипходни за неговата благосостојба, а институциите, службите и установите да се во согласност со стандардите утврдени од надлежните органи, особено во областа на сигурноста и здравјето, бројот и достојноста на персоналот и стручниот надзор.

    Понатаму, членот 7 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, наложува да се зема предвид најдобриот интерес на детето, а членот 15 обврзува државите потписнички да преземат ефективни законски, административни, судски или други мерки за да се спречи лицата со попреченост, на еднаква основа со другите, да бидат изложени на тортура или суров, нечовечки или понижувачки третман или казна.

    Од СВР Битола соопштија дека вработената Х. В. К. (37) е уапсена зашто со запоставување на својата должност ги запуштила малолетниците згрижени во малиот групен дом. По документирање на случајот против неа ќе следува кривична пријава.

    Малиот групен дом е под надлежност на Домот за доенчиња и мали деца од Битола каде следниот ден по настанот беше назначена нова в. д. директорка Анета Талевска. Промената следуваше откако дотогашната директорка Елена Наумовска беше разрешена по нејзино барање, поради навршување на 67 години и остварување на правото на старосна пензија.

    Од Министерство за труд и социјална политика соопштија дека согласно законите, против вработената ќе биде покрената дисциплинска мерка, а шестгодишното дете е однесено на лекарски преглед и констатирано е дека е во добра психичка и физичка состојба.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира