НАПРАВИВМЕ СЀ И СЕГА САКАМЕ ДА БИДЕМЕ ПРИФАТЕНИ ВО ЕВРОПСКОТО СЕМЕЈСТВО, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО БЛЕД

    НАПРАВИВМЕ СЀ И СЕГА САКАМЕ ДА БИДЕМЕ ПРИФАТЕНИ ВО ЕВРОПСКОТО СЕМЕЈСТВО, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО БЛЕДЗаев денеска учествуваше на лидерскиот панел во рамките на Бледскиот стратегиски форум посветен на темата „Иднината на Европа – Проширувањето“.(Фото: Влада)

    Ситуацијата на Северна Македонија е како кога некој сака да биде прифатен од некое семејство на кое отсекогаш му припаѓа, рече премиерот Зоран Заев на лидерскиот панел во рамките на Бледскиот стратегиски форум посветен на темата „Иднината на Европа – Проширувањето“.

    Премиерот Заев во дебатата кажа дека Европа е нашето семејство и очекувано е семејството да ја прифати Северна Македонија која е во срцето на континентот.

    „Ние ќе продолжиме понатаму да ја оствариме нашата определба да станеме следна членка на ЕУ за која што нема алтернатива. Ги спроведовме сите реформи предвидени во пристапната фаза за членство во ЕУ, како и сите критериуми утврдени согласни процедурите за проширување на Брисел. Имаме 12 препораки и конечна препорака на Европската комисија со Европскиот совет дека земјата може да ги почне преговорите за членство со организација на првата меѓувладина конференција. Имаме одлични односи со соседите и ги надминавме отворените прашања со што ни се отворија вратите за да бидеме 30-та членка на НАТО. Имаме функционално мултиетничко општество кое ги доби сите признанија и се препознава како модел и пример за другите, и се надевам дека конечно ќе ги започнеме преговорите по поглавјата за членство во ЕУ“, рече Заев.

    Воведно обраќање на лидерскиот панел имаше претседателот на Словенија Борут Пахор кој истакна дека оваа година форумот е специјално посветен на земјите од Западен Балкан.

    „Проширувањето на ЕУ со Северна Македонија и Албанија не е само политичка, туку морална обврска за Брисел и заради фактот што Република Северна Македонија направи сѐ што беше неопходно, а ЕУ за возврат не испорача ништо“, рече Пахор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира