НАРЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ ГО УТВРДИМЕ ПАРТИСКИОТ СТАВ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ, КАЖА МИЦКОСКИ ПО СРЕДБАТА СО МЕРКЕЛ

    НАРЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ ГО УТВРДИМЕ ПАРТИСКИОТ СТАВ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ, КАЖА МИЦКОСКИ ПО СРЕДБАТА СО МЕРКЕЛМицкоски вели дека со Меркел имал пријателска средба, како лидери на две сестрински партии. - Мицкоски пристигнува во Германската амбасада (Фото: К. Попов)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ставот на партијата за референдумот на 30 септември не ѝ го кажал ниту на германската канцеларка Ангела Меркел на денешната средба во Германската амбасада во Скопје.

    „Ова беше тет-а-тет средба со канцеларката Ангела Меркел. Беше пријателска средба, како лидери на две сестрински партии. Главен акцент на разговорите беше претстојниот референдум. Јас ги истакнав позициите на нашата партија, зошто ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати овој договор со Грција. Ја запознав со нашата акција ’Лето за Македонија‘, која е во тек, укажувајќи дека ние како партија ќе се ориентираме според волјата на граѓаните. Во текот на наредната недела ќе имаат состанок партиските тела и конечно ќе ја утврдиме нашата позиција за референдумот на 30 септември“, рече Мицкоски.

    Тој не сакаше да открие повеќе детали од средбата со Меркел, која траеше околу 20 минути.

    Меркел ја напушти амбасадата и замина кон аеродромот без да даде изјава.

    Претходно, за време на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, таа кажа дека на лидерот на опозицијата ќе му го каже истото што му го кажала на Заев.

    „За клучните прашања треба да има национална, заедничка одговорност и дека треба да се разговара заедно“, изјави Меркел во Владата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари