НАСТАВНИЦИТЕ УТРЕ ЌЕ ШТРАЈКУВААТ, НЕМА ДА ГИ ПРИМАТ ДЕЦАТА ВО УЧИЛИШТАТА, ВЕЛАТ ОД СОНК

    НАСТАВНИЦИТЕ УТРЕ ЌЕ ШТРАЈКУВААТ, НЕМА ДА ГИ ПРИМАТ ДЕЦАТА ВО УЧИЛИШТАТА, ВЕЛАТ ОД СОНКНаставниците ќе дојдат на работа, ќе бидат во една просторија додека трае работниот ден, но нема да ги прифатат децата кои ќе дојдат на училиште; - Од протестот пред Влада на Синдикатот за образование и наука во јануари 2018 (Фото: СДК.МК)

    Наставниците утре нема да ги примат децата во училиштата, велат од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) најавувајќи го утрешниот предупредувачки штрајк бидејќи се незадоволни од покачувањето на платите за 5 отсто.

    „Сите наши членови ќе дојдат на работа, ќе бидат во една просторија додека трае работниот ден, но нема да ги прифатат децата кои ќе дојдат на училиште. Ова ќе биде предупредувачки штрајк. Од вторник наставниците ќе одржуваат настава, но бараме преговори со Владата за исполнување на нашето барање за покачување на платите на просветните работници за 25 отсто. Ако до крајот на септември не се исполни нашето барање, во октомври ќе излеземе на штрајк“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

    Министерот за образование Арбер Адеми денеска на прес-конференција во Владата ги повика наставниците и вработените во училиштата утре да почнат со настава и да ги прифатат децата.

    „Не се сеќавам дека некогаш се организирал штрајк во земјава кога имало одлука за покачување на платите. Ние како Влада работиме на подобрување на материјалниот статус на просветните работници, како и на условите за работа и учење на децата. Изминатава година, платата на наставниците се зголеми за 10 отсто за разлика од лани. Отворени сме за преговори со СОНК, а се разгледуваат можности за ново покачување на платите догодина. Штрајк се организира кога нема услови, а ние велиме има услови за понатамошно ново покачување на платите. Затоа апелирам сите наставници, директори и вработени во училиштата да се подготват за утрешниот прв училишен ден, кој е многу важен за првачињата“, рече Адеми.

    За Неделков, изјавите на министерот за образование Арбер Адеми настава в понеделник да се одржи и училиштата да бидат отворени да ги примат децата, се еден вид притисок.

    „Се врши притисок на наставниците, особено на оние кои треба да прифатат првачиња. Добиваат телефонски повици утре да ги примат децата“, рече Неделков.

    Од СОНК велат дека кон предупредувачкиот штрајк можат да се приклучат и оние кои не се членови на синдикатот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари