Голема НАТО важбе за спасување и заштита во урбани средини изминативе три дена се одржува во Охрид и Струга. Вежбата „Северна Македонија 2021“ e во организација на НАТО Евроатлантскиот Центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и македонскиот Центар за управување со кризи (ЦУК). Ова е прва цивилна НАТО вежба во Македонија, којашто поради состојбата со пандемијата од ковид-19 истовремено ќе се одвива и теренски и штабно.
Сценариото за вежбата се базира на урбани операции за пребарување и спасување, планинска потрага и спасување, одговор на поплави, одговор на хемиски, биолошки или радиолошки инциденти и на кампањи за лажни вести.
„Станува збор за вежбовна активност од големи размери, настан кој инволвира повеќе од 700 учесници од земјава и странство во којашто покрај Република Северна Македонија учествуваат 27 земји, и е прва НАТО вежба во земјава од ваков размер. Вклученоста во НАТО вежбата претставува одлична можност за поддршка на националните власти и градење на капацитетите преку подобрување на готовноста при природни катастрофи и катастрофи предизивикани од човек, подобрување на планирањето, превенцијата и одговорот, со што би се зајакнале националните капацитети за одговор при итни ситуации“, велат од Центарот за управување со кризи.
Во склоп на вежбата ќе биде организиран дводневен научен симпозиум , со дискусија помеѓу високи претставници од НАТО, членките на НАТО, државите – партнери, меѓународни и невладини организации.