НЕ Е ИСПРОЕКТИРАНА НИТУ ЕДНА ТРАСА ЗА ЧЕТИРИТЕ АВТОПАТИ ВРЕДНИ 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, НИТУ ПАК Е ПОЧНАТА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈАТА

    НЕ Е ИСПРОЕКТИРАНА НИТУ ЕДНА ТРАСА ЗА ЧЕТИРИТЕ АВТОПАТИ ВРЕДНИ 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, НИТУ ПАК Е ПОЧНАТА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈАТА„Имаме нова методологија, и ќе проектираме и ќе градиме“, рече директорот на Државни патишта Ејуп Рустеми. (Фото: К.Попов)

    Не е испроектирана ниту една траса од четирите автопати во должина од 110 километри вредни 1,3 милијарди евра, за кои денеска Владата потпиша договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Исто така не е почнат ниту процесот на експропријација на приватните имоти кои се наоѓаат на трасите, а за кои ќе треба да се издвојат плус 300 милиони евра од државниот буџет.

    На денешната прес-конференција по потпишувањето на договорот во Владата, Ејуп Рустеми директор на Јавното претпријатие за државни патишта кој е носител на проекто кажа дека допрва ќе се проектираат делниците и ќе се врши експропријација. Според него тоа не е ништо чудно, туку е нов начин на работа.

    „Сумата од 1,3 милијарди евра е само за градба на автопатиштата, други ќе бидат сумите за експропријација, која уште не е почната. Не е почнато ниту проектирањето. Ова е нов модел на градење на автопатишта во Македонија. Договорот што го потпишавме денес предвидува ‘Бехтел и Енка‘ да ангажираат проектанти, значи тие и ќе проектираат и ќе градат. Во моментот кога ќе се определи патниот коридор тогаш ние сме спремни што побрзо да се извршиме експропријација и за тоа веќе имаме формирано координативно тело на ниво на Влада“, рече Рустеми, кој се смееше на прашањата на новинарите дали е извршено проектирање и експропријација на трасата.

    Рустеми објаснуваше дека тие ги имаат сите траси каде ќе поминуваат автопатиштата и имаат информации за коридорите.

    „До сега кога работевме прво проектирање, па градење имавме проблеми. Таква е изградбата на автопатот Кичево –Охрид која трае 10 години. Затоа сега имаме нова методологија – и ќе проектираме и ќе градиме“, додаде Рустеми.

    За премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Државни патишта Ејуп Рустеми нема ништо спорно во договорот со надзорот. Велат дека целата постапка е спроведена според Законот за јавни набавки и не било убаво новинарите, јавноста и опозицијата да фрлаат дамка на еден ваков значаен инфраструктурен проект за земјава.

    „Ве молам да не лепите етикети затоа што ниту вие, ниту ние сме истражни органи. Вие, јавноста и опозицијата, ја обвинувате компанија ‘Ептиса‘ за тендер 2020 или па за надзор за вршење на работите во железницата и го поврзувате со надзорот во овој проект што се сосема различни работи. Згора на тоа ‘Ептиса’ има сменето сопственост, тоа е сосема нова компанија, само брендот е останат ист заради референците кои ги има претходно. ‘Ептиса’ е спиечки партнер во конзорциумот што се предводи од ИРД со кого ЈПДП има потпишано договор. Тоа е компанија која успешно работи повеќе години во земјава без ниту еден единствен скандал. Да не фрламе дамка врз еден таков инфраструктурен проект“, рече Груби одговарајќи на новинарските прашања поврзани со Бранислав Димитриевиќ сопственик на една од компаниите за надзор кој е вмешан во корупциски скандал во Ерменија.

    Премиерот Ковачевски кажа дека американската фирма „Бехтел“ е сериозна компанија која изградила автопатишта во Албанија, Косово, Хрватска и други земји.

    „Цел ден се шири некаква хистерија и од проект од кој што имаме 1,3 милијарди евра проект, со обезбедено буџетско финансирање, со поддршка од Соединетите Американски Држави, кај нас главна тема е дали некој, некаде, во некоја друга држава, имал кривична пријава. Па, ако имал кривична пријава, веднаш нека му се поднесе и тука кривична пријава, нека го провери Обвинителството“, рече Ковачевски.

    Договорот од 1,3 милијарди евра опфаќа изградба на четири автопатски делници: Требеништа – Струга – Ќафасан (22 километри) Гостивар – Букојчани (30 километри), Тетово – Гостивар (17 километри) и Прилеп – Битола (40 километри). Сите делници треба да бидат години за 5 години или во 2027 година.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира