Премиерот Димитар Ковачевски вели дека тоа што синоќа се случи пред Собранието не е вистинското лице на европска Македонија, земја членка на НАТО. Како што вели тој, протестите се демократско право на секој граѓанин, но насилството не може да се оправда со ништо и најостро го осудува нападот врз полицијата која синоќа беше на висина на својата задача.
Четириесет и седум полицајци се повредени, од кои десетина потешко, а 11 демонстрани се приведени откако ескалираше мирниот протест против францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија кон Македонија.
„Насилството и омразата не се, и не може да бидат решение на ниту еден проблем. На потпалувачите на протестите ќе им порачам – не манипулирајте и не злоупотребувајте млади луѓе за да ги задоволите вашите политички апетити. Вашето сценарио синоќа резултираше со над 40 повредени полицајци и над десетина приведени. 27 април нема да се повтори“, напиша Ковачевски на својот фејсбук профил.
Протестот почна пред пред Владата, демонстрантите маршираа кон МНР, а ситуацијата ескалираше пред Собранието, кога колоната се спои со група демонстранти кои чекаа таму. Набргу 30-тина момчиња со качулки и маици на главата, ја бутнаа оградата и фрлаа камења и други тврди предмети. Граѓаните кои беа дојдени на протестот не им се придружија на овие 30-тина момци во кршењето на Собранието.