НЕ МИ Е ВАЖНО ШТО ЌЕ КАЖЕ ИСТРАГАТА, ВАЖНО МИ Е ШТО ВЕЛИ ХРИСТИЈАН, КАЖА ОСМАНИ ВО СОФИЈА

    НЕ МИ Е ВАЖНО ШТО ЌЕ КАЖЕ ИСТРАГАТА, ВАЖНО МИ Е ШТО ВЕЛИ ХРИСТИЈАН, КАЖА ОСМАНИ ВО СОФИЈАБујар Османи и неговиот бугарски колега Николај Милков вчера го посетија повредениот Христијан Пендиков во болница во Софија. (Фото: Фејсбук)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека нему не му е важно што ќе каже истрагата за нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков во Охрид, туку што ќе каже „оштетениот“ и неговите родители, во интервју за бугарската телевизија „БТВ“.

    Османи вчера беше да го посети Пендиков во болница во Софија, откако тој беше пренесен таму на лекување со бугарски владин авион.

    „Мене ми е важно тоа што го кажува самиот Христијан и мајката на оштететниот, а тоа е дека е поради изразување на етничка припадност, и покрај тоа што еве сторителите кажуваат обратно, дека имале претходно некакви си разлики“, рече Османи во интервјуто.

    Таа теза Османи ја повтори и подоцна во интервјуто.

    „Како што кажав за случајот на Христијан, не ми е важно што ќе каже истрагата. Мене ми е важно што родителот на Христијан вели дека бил нападнат поради бугарска етничка припадност. И мене ми е тоа доволно за денес да дојдам во Софија и да пратам порака“, вели Османи.

    Прашан за имињата на бугарските клубови во Македонија, како „Цар Борис Трети“ и „Иван Михајлов“, дали ќе треба да ги променат имињата, Османи вели дека ќе треба, иако тој имал дилеми околу законот што го донесе Собранието.

    „Така вели законот. Ќе бидам конзистентен, јас лично имав дилеми по однос на ретроактивното важење на законот, меѓутоа, одлуката на Собранието е таква што имињата не треба да бидат поврзани со периоди кои што се сметаат, како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, кои што ги повредуваат чувствата на граѓаните“, кажа министерот.

    Османи најави дека по следната недела планира да ги покани бугарските здруженија на состанок да направат план како да ѝ овозможат на бугарската заедница да ги декларира припадноста, идентитетот и културната припадност и да се интегрира во општеството.

    Министерот рече дека тој лично, како припадник на немнозинска заедница, има искуство со дискриминација и поради тоа се чувствува најповикан да ја советува бугарската заедница во Македонија.

    „Доколку има дискриминација, верувам дека можеби има дискриминација, велам повторно од моето искуство. Исто пред 20-тина години велеа дека нема дискриминација кон останатите заедници, но имаше“, вели Османи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира