Сè поизвесно е дека обвинителката Вилма Рускоска и судијката Добрила Кацарска нема да бидат оставени сами да одлучат кои обвинети за организираниот напад во Собранието на 27 април лани ќе бидат амнестирани, а кои нема да бидат. Рускоска вели ќе се консултира со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, а зад Кацарска ќе застане најверојатно Кривичен совет од судот за групно да ги носат одлуките, по налог на Собранието, кое им ја наложи оваа работа среде судскиот процес за 27 април.
Рускоска, според изјавата што ја даде денеска во врска со донесениот закон за селективна амнестија, сè уште не се согласува со намерата на Собранието.
„Како обвинител можам да кажам дека е вложен многу труд и работа во овој предмет. Но, ни како граѓанин не сум задоволна од законот што е донесен, мислам воопшто од каков и да е Закон за амнестија“, рече таа.
На новинарско прашање дали како обвинител може да каже никој да не биде амнестиран, таа одговори:
„Не можам да речам никој да не биде амнестиран, зашто тоа ќе биде спротивно на Законот кој го донесоа. Ако не го почитувам законот и јас правам кривично дело“.
Преквалификација на целото дело нема да има, рече таа и нагласи дека амнестијата, според донесениот закон, не важи за целото дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Според Рускоска, добро е што судот ќе носи решение по претходно прибавено мислење од јавниот обвинител, затоа што така е многу подобро отколку пратениците да формираа комисија во Собрание и тие да одредуваа за кого важи амнестијата.
Таа го потврди она што ги збунува сите кривичари, бидејќи ова е прв случај на амнестија со селективен пристап, а за ист настан, на незавршен судски процес. Рече дека сите докази кои биле предложени и од одбраната и од обвинителството ќе се земат предвид.
За тоа дали некој ќе се гони за здружување заради непријателско дејствување, Рускоска рече дека ќе се консултира и со јавниот обвинител на Република Македонија. Делото здружување заради непријателско дејствување, за кое нема амнестија, рече таа, се однесува на организаторите.
Може евентуално некој дополнително да биде обвинет за тоа дело, вели Русковска.
За организаторите уште се води предистражна постапка, уште не е дадена наредба за отворање на истрага, која подразбира во наредните 6 месеци таа да се заврши.
С. К. ДЕЛЕВСКА