НЕ МОЖЕ ДИРЕКТОР НА ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ДА ЗЕМА ПОГОЛЕМА ПЛАТА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИЛИ МИНИСТЕР, ВЕЛИ ТРЕНЧЕВСКА ЗА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПЛАТИ

    НЕ МОЖЕ ДИРЕКТОР НА ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ДА ЗЕМА ПОГОЛЕМА ПЛАТА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИЛИ МИНИСТЕР, ВЕЛИ ТРЕНЧЕВСКА ЗА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПЛАТИ„Целта на овој закон е во секоја дејност, во секоја област да воспоставиме граница на највисока плата и да не може да се оди погоре“, рече Тренчевска. (Фото: МТСП)

    Не може директор на јавно претрпијатие да зема поголема плата од претседателот на државата или од министерот кој му е надлежен во таа област, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, за предложениот Нацрт-закон за системот на плати во јавниот сектор кој доби бурни реакции од синдикатите.

    Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) од почетокот на месецов реагира дека Нацрт-законот е своевиден преседан својствен за диктатури, квазидемократии и хибридни држави, а не на држави од теркот на ЕУ. Од Владата рекоа дека станува збор за драфт-верзија за која ќе се консултираат сите засегнати страни, институциите, синдикатите и слично.

    Според реакциите од Независниот синдикат за образование и наука (НСОН), законот предвидува висината на платата на работниците во јавниот сектор да се одлучува во Собранието од  120-те пратеници, како и за тоа дека висината на платата да може да се намалува во одреден временски период, односно ако државните органи се во недостаток на пари би можеле да ги надокнадат со кратење на платите на работниците.

    Министерката денеска кажа дека законот е во работна верзија и ставен на ЕНЕР за да може да го коментираат сите. Убаво е, вели таа, и синдикатите и работодавачите и работниците во јавниот сектор да може да дадат свои коментари, за да може да се оди на јавни расправи и да да се дадат предлози кои ќе дадат подобрување на постојниот текст. Крајниот резултат да биде унапредување на правата на вработените во јавниот сектор.

    „Не мислам дека е противуставен, всушност, сакаме да воспоставиме ред во платите во јавниот сектор. Имаме различни плати за иста работа во различни инсититуции. Целта на овој закон е во секоја дејност, во секоја област да воспоставиме граница на највисока плата и да не може да се оди погоре. Согласно највисоката плата, надолу на останатите работни места, согласно сложеноста да им се пресмета платата. Да ставиме еднаш засекогаш ред во јавниот сектор“, рече Тренчевска.

    Во описот на предлогот поднесен од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) стои дека во законодавството во земјава не постои единствен платен систем за пресметката на платите на вработените во институциите од јавниот сектор, односно нема единствена методологија за пресметка на платите на вработените во јавниот сектор.

    „Пресметката и исплатата на платите во институциите од јавниот сектор моментално се врши врз основа на посебни закони и колективни договори, а во некои институциии дури и со правилници – спротивно на начелата и одредбите од Уставот. Евидентно е дека не постојат јасни правила и воедначена Методологија за пресметка на платите во законодавната власт, извршната власт, судската власт, локалната самоуправа, избраните, именуваните и назначените лица и трговските друштва во целосна државна сопственост“, вели МИОА.

    Синдикатот реагира и на тоа дека со член 41 се замрзнува растот на платите поврзани со вредноста на минималната плата во државата, како и на тоа дека според член 26 став 5 државата може да ги прогласи за ништовни некомпатибилните Колективни договора и дека Колективниот договор за култура ќе биде укинат. Но, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска кажа дека нема да се раскине Колективниот договор затоа што го добиле тоа право после 15 години.

    „Наместо во ЕУ, се враќаме во робовладетелство, каде што ќе треба да работиме под услови што ќе ги одреди камшикот. Затоа во државата фалат доктори, професори, инженери.Затоа што 30 години партиите им ги одредуваат условите за работа. Затоа нема кој да напише учебник, кој да се грижи за децата, за животната средина, за енергијата. Ако државата сака во ЕУ, ќе ѝ требаат професионалци во секоја област. Тие треба да бидат почитувани и соодветно платени. Работењето под наметнати услови не е европска вредност. Принципот ‘земи или остави’ ни избрка илјадници квалитетни луѓе, овозможи речиси целосна партизација на јавниот сектор, додека граѓаните 30 години плаќаат за систем составен од професионалци, кои ќе им дадат професионална услуга. Илјадници наши професионалци сега работат во Европа, а овде на децата нема кој да им каже каде е запад, кое е знамето на Австрија, Словенија, Франција“, вели СКРМ, повикувајќи ги сите синдикати да застанат цврсто против овој Предлог-закон.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира